Епидемиолозите ги предупредуваат Црногорците: Да се вклучат сите политичари, верски лидери, спортисти


 

Откако вчера, втор ден по ред во Црна Гора беа регистрирани повеќе од 200 новозаболени до Ковид-19, водечкиот епидемиолог Бобан Мугоша предупреди дека епидемиолошката ситуација во Црна Гора е многу сериозна и оди накај драматичма.

Мугоша кој е директор на црногорскиот институт за јавно здравје, рече дека анализите покажуваат дека речиси 30 отсто од тестираните се позитивни на корона вирус.

„Сега ги молам, не повеќе граѓаните, затоа што нив до сега постојано ги молевме. Сега ги молиме сите оние кои можат да влијаат на граѓаните, политичари, верски водачи, истакнати културни, просветни, спортски и други личности да помогнат со своите апели да влијаат што повеќе жители на Црна Гора да ги почитуваат сите мерки кои со месеци се споменуваат, а кои можат да влијаат ситуацијата да стане подобра, односно да не изгубиме контрола над епидемијата, каде ќе има многу заболени и починати“, рече Мугоша.

Според него, стриктно придржување до мерките во следните 15 до 20 дена може да доведе до тоа во Црна Гора да се воспостави целосна контрола над епидемијата, а во спротивно може да дојде до ново „заклучување“ на сите градови.

„Тоа значи дека ќе мораме да се вратиме назад не еден, туку седум чекори, како во март и април. Ова е прилика сите да се фокусираат на најважниот проблем во Црна Гора, посебно имајќи предвид дека треба да се отворат училиштата, кога во исто време почнуваат и репсираторните инфекции, каде овој проблем може да се размножи“, рече Мугоша. Повика граѓаните да носат маски, да се придржуваат до социјалната дистанца и да водат сметка за хигиена на рацете.

Во средата во Црна Гора беа регистрирани 219 нови случаи со корона вриус и двајца починати. Бројот на заразени расте од парламентарните избори одржани на 30 август кога и власта и опозицијата одржаа повеќе митинзи.

Последниот собир се одржа во неделата во Подгорица, каде според проценката на полицијата се собрале повеќе од 50.000 граѓани.