Игли и шприцови во контејнер, инспекторите го бараат виновникот


Во текот на акциите за време на викендот, кои ги спореведе градскиот инспекторат во Скопје, во контејнер за комунален отпад поставен во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, пронајден бил несоодветно фрлен медицински отпад односно шприцови.

Инспекциските служби во наредниот период ќе работат на пронаоѓање на лабараторијата која несоодветно го одложила медицинскиот отпад, по што истите ќе бидат санкционирани.

Во текот на вчерашниот ден биле контактирани специјалните служби на ЈП „Дрисла“ кои со специјална опрема го превзеле медицинскиот отпад и го транспортирале до депонијата каде ќе биде соодветно третиран, соопштија градските власти.

Градот Скопје апелира до сите компании кои работат со медицински отпад, да се придржуваат до законските прописи и постапки за одлагање и третирање на овој отпад.

За потсетување, граѓаните на Скопје коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на отпадот со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“.

Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства.

Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува во согласност со ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“.