Али Ахмети повикан да се јави во Хаг како еден од основачите на ОВК


Фото: Б. Грданоски

Од Специјалното обвинителство изјавија за „Независен“ дека не споделуваат информации за нивната истрага

 

Специјалното обвинителство на Косово не сака да сподели информации за тоа зошто лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е повикан во Хаг. На прашањето на „Независен“ кои се причините за повикот до Али Ахмети, Крис Бент од Специјалното обвинителство вечерва ни одговори со една реченица:

„Специјалното обвинителство не дава информации за својата истрага, така што не можам ниту да потврдам или да негирам што било“, велат од Хаг за „Независен“.

Претходно вечерва Али Ахмети на својот Фејсбук профил потврди дека добил покана да се јави во Специјалниот суд во Хаг како сведок.

„Специјалното обвинителство на Косово ме покани да сведочам како еден од основачите на ОВК и член на Генералштабот. Без двоумење, ја прифатив поканата и остварив конструктивен контакт и соработка со официјални лица во Хаг“, напиша Ахмети на Фејсбук.

Како што истакна лидерот на ДУИ, владеењето на правото и постигнувањето на вистинска неселективна правда, локална и меѓународна, се негова постојана цел и обврска.

„Отсекогаш сум се залагал за неселективна правда и јас сум на располагање на судските власти како сведок на ослободителната војна на албанскиот народ против геноцидот на српскиот режим (Слободан) Милошевиќ“, рече Ахмети.

Минатата недела претседателот на Косово, Хашим Тачи беше повикан во Судот во Хаг, кој даваше изјава три дена за неговата улога во војната во Косово, но засега нема информации дали поканата до Ахмети има врска со случајот.

Освен за претседателот на Косово Хашим Тачи, Специјалниот Суд во Хаг, покрена обвинение и за Кадри Весели, претседателот на ДПК, кој во време на воениот конфликт па сѐ до 2008 ја вршеше функцијата директорот Инфорамативната служба на Косово. Освен овие лица, во списокот на обвинети на Специјалниот суд, според косовските медиуми се и други високи функционери на ОВК.

Специјалното обвинителство објави дека станува збор за обвинение од десет точки, во кое Хашим Тачи, Кадри Весеjiи и други се обвинети за „серија злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување, прогон и тортура“.