30 години мултикултура- Концерти на Весна Гиновска-Илкова, Тони Китановски, Влатко Стефановски и „Синтезис“


По повод прославата на 30 годишнината од македонската независност, Баги Комуникации ќе организира 4 концерти со заеднички наслов – „МУЗИКАТА ЗБОРУВА НА СИТЕ ЈАЗИЦИ„ – 30 ГОДИНИ МУЛТИ КУЛТУРА„.

Проектот се состои од концертни настапи на врвни македонски музички имиња од различни националности, кои со примерот на соработки ќе го потврдат мултикултурализмот на државата.

Концертите ќе бидат организирани на значајни културни добра и локалитети што ќе придонесе за достојно одбележување на вака значаен јубилеј.

На 3 август во Св. Софија во Охрид ќе настапат Весна Гиновска Илкова заедно со Кристина Светиева, Бобан Мирковски и Ерхан Шукри Квартет. Ќе бидат изведени арии од македонски автори, традиционални и забавни македонски композиции. Целата програма е подготвена специјално за овој концерт.

 На 15 август, во Куршумли Ан, ќе настапи нашиот најдобар македонски jazz гитарист Тони Китановски, заедно со извонредните музичари Асан Рашид, Абас Јахјаи, Владимир Крстев, Техамана Лазар, Ајдин Јахјаи и Виктор Филиповски. На програмата фузија на world музика со jazz елементи, изведена од врвни мајстори на музичката сцена.

На 3 септември на археолошкиот локалитет Стоби ќе настапи групата Синтезис изведувајќи го својот богат опус на композиции со кои како амбасадори на културата не преставуваат во светот повеќе од 25 години.

На 6 септември на скопската тврдина Кале, ексклузивен концерт на Влатко Стефановски со симфонискиот оркестар, под диригентска палка на Џијан Емин. Добро познатите композиции на Стефановски во аранжмани на Емин се гаранција за неповторливо и уникатно искуство.