Заев: Со следниот пакет и пензионерите ќе добијат платежни картички


Ќе гази ли Гази Баба на 15 јули?- праша вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на почетокот на обраќањето на митингот што се одржуваше во просториите на ФОН универзитетот.

-Анкетите покажуваат дека водиме, но не се опуштајте. Слушам дека сега ВМРО-ДПМНЕ снима спот дека јас сум виновен за потонувањето на Титаник. Станаа како хиени, водат негативна кампања, а не знаат и зошто, немаат компас, ни џи-пи-ес…, порача Заев пред да направи споредба на трите години власт на СДСМ и претходните 11 години на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој ги повика граѓаните сами да си оценат дали им беше подобар стандардот за време на ВМРО-ДПМНЕ или овие три години. Покрај другите проекти, потсети дека на граѓаните им беа вратени околу десет милиони евра  со Мој ДДВ , но тие со својата инспекциска улога го наполнија буџетот за плус 300 милиони евра, поради што најави дека повратот на ДДВ ќе продолжи. Исто така, рече тој, околу 200.000 работници ја користат мерката супституција на плата, односно платени придонеси од државата.

-Не можат да ни продаваат обнова тие кои ја урнисаа економијата. Да го обноват образованието тие што отворија факултет во секое село? Тие што делеа субвенции по партиски штабови, таква обнова ли ни треба? Тоа е стиропот обнова, се рони, се разобличува, се отвора и се гледа дека е истото, рече Заев порачувајќи дека бројот „3“  е единствена алтернатива,а  се друго се лажги со опашки.

-Сега сме поискусни, ги знаеме грешките. Овие две ипол години не направија попаметни. А, и која е алтернативата? За целиот овој период од здравствената криза, кога силни економии клекнаа на колена, не се задоцни ни еден ден со пензија, со социјално, со плата…Со следниот пакет пензионерите со пензија под 15.000 денари ќе добијат исто така платежна картичка, ќе добијат и самохраните родители…имаме 400 милиони евра за тоа. Покажавме дека имаме капацитет да раководиме и затоа  очекувам голема поддшка. Десет капиталини проекти во моментов се реализираат во Гази Баба. Каде беа тие да ги остварат? Каде беа парите, во Белизе? Ја видовме нивната преродба, не ни требаше ни таа, ни оваа обнова, рече Заев.

Тој изрази увереност дека многу брзо ќе ги отвораат и затвораат поглавјата во преговорите со ЕУ, а со тоа и фондовите, ако добијат мандат од граѓаните.

-Работиме, испорачуваме и знам дека ќе успееме. На народот од лажен патритизам му е преку глава. Бенефитите доаѓаат кога сме здружени, кога си помагаме…Останати сме околу 1.800.000 во државата, колку една фабрика на „Кока Кола’. Зар да им потрошиме уште 20 години на нашите деца. Барам втор чист мандат да и се посветиме целосно на економијата, рече Заев.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски , пак, порача  дека режимот не смее да се врати во Македонија.

-Додека тие уриваа, ние градиме, рече Спасовски посочувајќи на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски кој одново се гради.

Тој оцени дека тие како влада  стопроцентно ги оствариле ветените проекти – од воведувањето на ефтината тарифа, укинувањето на радиодифузната такса, зголемувањето на минималната и просечната плата, укинувањето на екстерното образование, повратот на ДДВ, старосната пензија што над 7.000 граѓани веќе ја добија и друго.

-Новата програма ќе се темели исклучиво на економијата. За четири години невработеноста ќе стане едноцифрена, инвестициите од странство ќе стигнат до милијарда ера. Овие три години со Владата на СДСМ има најголеми инвестиции во историјата на Гззи Баба, рече Спасовски, споменувајќи ги сите остварени проекти.

– Покажавме дека знаеме да градиме, дека знаеме да ги надминеме сите поделби во државава. Кога зборуваме дека знаеме да градиме тоа се пријателства, мостови и инфраструктура и сето тоа даваше резултати, порача Спасовски, прашувајќи наедно зошто ако можеле да се решат инфраструктурните проблеми во општината за две ипол години, не се решиле за 25 години?.

Носителката на листата во ИЕ 2, Сања Лукаревска рече дека еден од основните столбови на кои што се базира нивната програма за овие парламентарни избори е ред, правда и дисциплина.

– Ќе ги укинеме патните трошоци за пратениците, ќе воведеме принцип на безбедни градови, ќе го прочистиме загаденото правосудство од корумпирани и судии и јавни обвинители, функционерите ќе имаат повеќе одговорност меѓутоа ќе имаат многу помалку привилегии, перцепцијата за администрацијата ќе смениме во оној хиерархиски дел, нема веќе вечни раководители, нема да дозволиме да има раководители до пензија на малдите треба да им дадеме шанса младите да одат напред, принципот по кој што сме се воделе се водиме и ќе се водиме е владеење на правото односно дека законите важат еднакво за сите, рече Лукаревска.