28 возачи од ЈСП дале отказ за да возат автобуси во Малта


Возачи од ЈСП „Скопје“ деновиве даваат отказ во претпријатието за да одат да возат автобуси во Малта, пренесува порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.

Досега 10 возачи дале отказ а други 18 најавиле дека ќе заминат бидејќи добиле работа да ги возат автобусите во јавниот превоз во Малта.

Директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека дел од вработените возачи дале отказ, но вели нема да има проблем во функционирањето на јавниот превоз.

„Најавени се 28 откази на возачи кои ќе одат да работат на Малта. Тоа е нивни избор. И да има повеќе кои ќе заминат нема да биде никаков проблем, имаме доволен број возачи. Го наследив претпријатието со 1.560 вработени“, вели Чушков.

Возачите кои доставиле барања за отказ велат дека во Малта добиваат тројно поголема плата. Условите кои треба да ги исполнат е најмалку  тригодишно искуство, а месечната плата достигнува до 1.500 евра.