Комисијата за заразни болести не е надлежна да кажува кога да се одржат изборите

Комисијата за заразни болести не е надлежна да кажува кога треба да се одржат изборите, туку само да изработи здравствен протокол во однос на нивната имплементација, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој на прес-конференција истакна дека претседателот на државата, Стево Пендаровски побарал од Комисијата да го изработи здравствениот протокол, која веќе го има завршено. Лидерите на партиите, како што рече, се тие кои треба да одлучат за датумот на нивното спроведување.

– Од Комисијата е побарано од страна на претседателот Стево Пендаровски да се изработи тој протокол, експертите го изработија ги земаа предвид сите аспекти кои што се актуелни во врска со спроведување на изборите, во однос на тајмингот на изборите ние не сме надлежни тоа да го кажеме заради тоа што изборите имаат повеќе аспекти. Ова што се побара од нас беа само да се изработат некои здравствени аспекти во смисла на имплементација на протоколи, меѓутоа има и многу други аспекти на изборите како правните, економските импликации, нешто во смисла на демократските процеси во земјата е на лидерите да одлучат кога треба да се случат. Во таа смисла ние нашата работа на барање на претседателот ја завршивме, рече Филипче во одговор на прашање.

Тој додаде дека во протоколот се ставени повеќе работи во однос на спроведување на изборниот процес, но појасни дека смета оти епидемијата сега е повеќе под контрола, а ризикот може да биде зголемен во период што следи.

– Во тој протокол се ставени повеќе работи, протоколи во однос на спроведување на изборниот процес, тоа што е познато од страна на техничките аспекти на спроведување на изборите, во однос на тајмингот тоа што беше дискутирано, а тоа е зошто сега сметаме дека е епидемијата повеќе под контрола наспроти тоа што може да е зголемен ризик во периодот кој што следи. Сега позитивните се ефектите од карантините, затворените училишта и градинки, но и граници. Сето ова е дополнителен ризик да се појават нови случаи кога ќе се отворат границите, и ќе се пуштат во функција училиштата и градинките, таму покасно во есента и сезонскиот грип така да мандатот на комисијата е да ги каже здравствените аспекти во однос на тајмингот ќе одлучат лидерите на партиите, рече Филипче.