Наесен Прилеп го добива најголемиот мост


Прилеп наесен треба да го добие најсовремениот и најголем мост по речиси 50 години. Се гради мостот во индустрискиот дел на градот што ќе биде долг речиси 30 метри, а широк 22 метри според сите стандарди. Овој капитален проект чини 574.000 евра.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски работите за темелна изградба и реконструкција на еден од најфрекфентните мостови во градот почна пред осум месеци со изработката на основниот проект. Но, работите запреа, проектот се надополнуваше зашто се појавија проблем со подземните води.

– Работите почнаа пред речиси девет месеци. Направена е јавна набавка за изготвување основен проект за доградба и реконструкција на мостот. На тој јавен оглас избрана е фирмата „Еуророуд“ за да го направи основниот проект. За изведувач е избрана фирмата „Стентон градба“ од Битола. Но со самиот почеток на изведбата, со темелеењето на мостот, се појави многу вода, па работите се стопираа за да се дополни проектот. Првичните стопи се заменети со таканаречени колови. Затоа, беше задолжен проектанот да направи нов основен проект. Сега се работи на втемелувањето со подоброениот проект, објаснува Јованоски.

Мостот ќе биде долг 24 метри, а широк 22 метри. Во должината, двете страни мостот ќе добие уште по три метри за соодветно поврзување со коловозот, па во суштина, мостот ќе биде долг 30-ина метри. Ќе има четири коловозни ленти, секоја со широчина од по 3,5 метри и со по пешачка патека од по 2,5 метри од двете страни како и велосипедска патека од 1,5 метри од двете страни.

-Мостот треба да биде готов за околу пет месеца, а чини 35 милиона денари или 574.000 евра од буџетот на Општината. Се надевам дека Прилеп за неколку месеци ќе го добие најголемиот и најубавиот мост по 47 години, изјави Јованоски.

Тоде Јовески, задолжен за надзорот објаснува дека сега се работи на најтешкиот дел од изградбата која ќе трае еден месец, за потоа да следуваат поедноставните градежни работи.

-Сега, моментално, се врши фундирање на објектот, што е напроблематична фаза за сите мостови. Другите градежни работи се поедноставни и тогаш работата ќе се одвива побрзо. Ова фундирање ќе трае околу еден месец и се работи во две фази за целосно да не биде запрен сообраќајот. Но ако има проблеми, ќе се стопира. Овој мост е проектиран и димензиониран според најсовремените европски стандарди и прописи, вели Јовески.