ЕУ најавува милијарди за помош на Балканот


Европската унија разговара за новиот пакет помош за Западен Балкан, за да му помогне на регионот да се справи со пандемијата на коронавирус и економските последици, објави Радио Слободна Европа, која имала увид во документот.

Во првиот нацрт на декларацијата што се очекува да биде усвоена по видео конференцијата на лидерите на ЕУ и на Балканот, закажана за 6 мај, се вели дека блокот „многу брзо мобилизирал пакет од над x.x. милијарди евра во корист на регионот“.

Официјални претставници на ЕУ, запознати со ова, изјавиле дека сумата  не е позната бидејќи сите придонеси сè уште не се објавени.

Во нацрт-екларацијата се вели дека пакетот „вклучува итна поддршка за здравствениот сектор, особено преку испорака на основните материјали за спасување животи и значителна поддршка за социјалните и економските потреби за закрепнување“ на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Помошта ќе биде дополнување на веќе обезбедените 38 милиони евра (41 милиони американски долари), ветени од Брисел во март,како непосредна поддршка на шесте земји за решавање на здравствената итна состојба предизвикана од коронавирусот. Парите, исто така, се дополнување и на пакетот од 750 милиони евра (812 милиони американски долари), објавен минатата недела за макрофинансиска помош на Балканот.

Документот, исто така, ја повикува Европската комисија „да излезе (наесен) со силен економски и инвестициски план за регионот, со цел да ги рестартира економиите, истовремено подобрувајќи ја нивната конкурентност, за подобро да ги поврзе со ЕУ.”

На почетокот на појавата на коронавирус во Европа имаше критики дека ЕУ бавно му помогнала на Балканот, при што српскиот претседател Александар Вучиќ го нападна  блокот заради „напуштање на неговата  земја“ и ја фалеше Кина за нејзината помош за време на кризата.Беа критикувани и ограничувањата на извозот на медицинска опрема од ЕУ во регионот, кои оттогаш се укинати.

Нацрт-декларацијата на четири страници  вели дека „поддршката и помошта од ЕУ е далеку поголема од она што било кој  друг партнер му го обезбеди на регионот“.

Но, предупредува дека „зголемената помош ќе биде поврзана со опиплив напредок во владеењето на правото и во социоекономските реформи, како и со придржувањето на партнерите од Западен Балкан кон вредностите, правилата и стандардите на ЕУ“.

Нацрт-декларацијата исто така ја потврдува „недвосмислената поддршка на ЕУ за европската перспектива“ на земјите од Балканот, кои за возврат „ја повторуваат својата заложба за европската перспектива како свој цврст стратешки избор“.

Видео-конференцијата следната недела ќе го замени самитот ЕУ-Западен Балкан, кој требаше да се одржи во Загреб на 6-7 мај.