27 април: Дел од актерите осудени, сценаристите во бегство


Фото: Б. Грданоски

Граѓаните ја избројаа и втората година од крвавиот упад во Собранието, а правдата ја бараат само новинарите кои ноќта на 27 април 2017 година, заедно со пратениците од опозицијата беа жртви на гневната толпа. Премиерот Зоран Заев, кој беше цел на насилниците и заврши со крвава глава, им прости, а Собранието донесе закон со кој ги амнестираше пратениците што ги отворија вратите. Овој датум стана олицетворение на тоа како функционира правдата во Македонија, со една група амнестирани, eдна група осудени на над два века затвор, а главните креатори на сценариото уште на слобода.

Годишнината од упадот се одбележува за време на велигденските празници и во втората половина од претседателската кампања. Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и партијата што го кандидираше го искористија крвавиот чин за да испратат порака до своите гласачи и да ги потсетат дека зад ова насилство стои ВМРО-ДПМНЕ.

„Партијата која тоа го организираше, ВМРО-ДПМНЕ, и нејзиниот кандидат односно кандидатка Силјановска, ниту тогаш ниту во изминативе две години по кој било повод не кажаа ниту еден збор на осуда за тој чин кој ја посрамоти Македонија и ја нареди во кругот на земји каде што такви случаи се практикуваат во недостиг на базичен мир и безбедност за граѓаните“, порача Пендаровски.

„Секој даден глас за Гордана Силјановска на 5 мај е глас е поддршка на злосторот и насилството. Гласот за Сиљановска е глас за враќање во темното минато на поделби, конфликти, неправда“, порачаа од СДСМ.

Опозициската партија, дента кога се одбележуваше годишнината, воопшто не го спомена минатото. Нејзиниот кандидат за претседател беше на средба со земјоделците од Овчеполието.

„На 5 мај, кога правдата ќе завладее во Република Македонија, ќе дојде и подобро утро за сите граѓани и за земјоделците“, им порача Силјановска на земјоделците.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на еден од своите јавни настапи на одреден начин го осуди насилството, но и казните кои ги добија учесниците.

„Насилството што се случи тој ден го осудувам и посакувам никогаш повторно да не се случи. Исто така, го осудувам и чинот што го предизвика тоа насилство, исто така го осудувам и чинот на преку два века казна дадена на луѓе што не примениле насилство тој ден. Од друга страна имате повратници од боиштата, претставници на ИСИС, да добијат трипати помала казна од Горан Ангелов, Митко Чавков, Митко Пешев и останатите“, рече Мицкоски.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пред двегодишнината од упадот, конечно осомничи дел од организаторите. Прв на листата се најде поранешниот премиер Никола Груевски, потоа собранискиот спикер Трајко Вељаноски, двајцата поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Улогата на Груевски во упадот беше обелоденета откако тој избега, Вељаноски од притвор го спаси пратеничкиот имунитет, Јанакиески е во куќен притвор, а Ристовски заврши во Шутка. Поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, за кого обвинителството обезбеди докази дека е дел од организацијата, е избеган во Грција.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој тогаш беше пратеник и исто така беше цел на толпата, вели дека тоа што се случило било свесно креирана состојба.

„Актерите веќе се познати, режисерите се изведени пред лицето на правдата, но, за жал, сценаристите не се повеќе тука во државата. Сметам дека одговорноста на тие што го осмислија и менаџираа самиот настан е многу поголема отколку одговорноста на оние што беа внатре и се обидоа физички да нè повредат и дефинитивно успеаја во тоа“, се присетува кумановскиот градоначалник, кој тогаш беше пратеник во Собранието.

Според него, со бегството на Груевски и тоа што за организирање на настанот никој не понесе одговорност само се остава простор пак да ни се повтори 27 април.

„Системот е порозен, со самиот процес на бегството на Никола Груевски од државата и неподнесување минимум индивидуална или каква било колективна одговорност по хоризонтала и вертикала во безбедносниот и правниот систем, само се остава простор, ваквите појави дополнително да се повторуваат“, вели Димитриевски.

Обвинителката која го води овој случај, Вилма Русковска, очекува до крајот на мај да подигне обвинение за организаторите, но и самата е свесна дека наскоро нема да го сослуша Груевски. Добар дел од сведоците ги сослушала и истрагата веќе привршува.

Во меѓувреме, дел од осудените водат политичка кампања од затворот во Шутка и повикуваат граѓаните да излезат и да гласаат за Силјановска. На крајот од мандатот на претседателот Ѓорге Иванов, тие побараа да ги помилува. Ако Иванов одлучи да ги аболира осудените, за 27 нема никој да одговара, со оглед на тоа дека истрагата за организаторите уште не е завршена и судскиот процес уште не е почнат.(Ф.Ф.С.)