На ГАК почина родилка од Охрид донесена со мртов плод, се утврдува дали имала Ковид-19


Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје соопшти дека доцна синоќа кај нив почина родилка на возраст од 37 години од Охрид, која вчера попладне е донесена во Скопје со возило на Брза помош во високо фебрилна состојба (телесна температура над 39 степени) и со мртов плод.

На жената уште веднаш и е направена целосна лабораторија и земен брис за Ковид-19. Лекарите оперативно го извадија плодот, а од стомакот на мајката е евакуиран гној. Можна причина за фебрилноста е септичната состојба на пациентката, но тестот треба да утврди или отфрли присуство на коронавирус. За време на интервенцијата состојбата кај пациентката се влоши при што таа беше интубирана, се пристапи кон целосна реанимација, но, за жал во 22 часот е констатирана смрт. Причина за смртта најверојатно е сепса со масивна тромбоемболија, а пациентката ќе биде пратена на обдукција по што ќе има егзактна дијагноза. Се работи за екстремно обезна пациентка, со телесна тежина од околу 150 кг, со висок крвен притисок и тахикардија, која во последните 5 месеци воопшто не се движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ни потребните гинеколошки контроли, посочуваат од Клиниката.

Сега починатата родилка, потенцираат, е донесена на Клиниката за гинекологија и акушерство-Скопје со амбулантно возило од Општата болница во Охрид, без претходна најава. По измерената телесна температура, таа е веднаш спроведена на посебен влез до одделението за изолација на клиниката.

Од Клиниката истакнуваат дека на 30 март кај нив е примена второротка од Куманово на возраст од 27 години која во 20:15 часот поради намалена плодова вода и знаци за фетално страдание е породена со царски рез.

Пациентката е спроведена и породена во изолација, заради фактот што таа како суспектна на Ковид-19 и упатна дијагноза која укажува на намалената плодова вода e најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар. На пациентката освен комплетната лабораторија, земен и е и брис за Ковид-19, чиј што резултат е стигнат вчера попладне во 18 часот и истиот е позитивен на вирусот. Пациентката роди живо машко новороденче кое е недоносено и во моментов се наоѓа на одделот за интезнивна нега и терапија на ГАК. Новороденчето е изолирано и е во добра општа состојба, не е на респиратоrна машина туку само е со кислородна хауба. Денеска на бебето ќе му биде земен брис и ќе му биде направен тест на Ковид-19, информираат од Клиниката.

Пациентката, како што посочуваат, при приемот беше без покачена температура, но во својот исказ посочи дека пред три дена имала треска и се пожалила на сува кашлица, укажа и на тоа дека член на семејството има симптоми кои може да укажуваат на инфекција со Ковид-19 и со неа е постапено според сите протоколи за прием на заразен пациент како во однос на нега и третман, така и во однос на адекватна заштита на персоналот и изолација на пациентот.

Вчера родилката почна да развива потешка клиничка слика, отежнато дишење со намалена сатурација, по што е веднаш префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Во текот на целокупниот престој на пациентката на Клиниката за гинекологија и акушерство, од приемот до исписот, со неа е постапувано според сите начела за превенција и заштита од Ковид-19, како во поглед на изолацијата на пациентката, така и во однос на преземените мерки за заштита на медицинскиот персонал и останатите пациенти. Еден дел од Клиниката функционира за родилки суспектни и позитивни на Ковид-19. За таа намена е воспоставен целосен протокол на изолација од влез, патека на движење, посебна родилна сала, бокс и тим, наведуваат од Клиниката и апелираат уште еднаш сите пациентки кои доаѓаат на Клиниката да се придржуваат кон сите насоки дадени од Министерството за здравство во однос на заштитата на сопственото здравје и здравјето на околината, но и целосно и вистинито да даваат информации при прием со цел соодветно и навремено преземање на мерките кои се однесуваат на заштитата на вашето здравје, здравјето на вашето бебе и безбедноста на здравствениот персонал.