Онлајн учење од утре, преку национална едукативна платформа


Од утре учениците и студентите ќе го продолжат своето образование преку далечинско учење, преку платформата www.eduino.gov.mk, соопшти министерот за образование Арбер Адеми.

На предлог на МОН, Владата донесе уредби за наставата во сите степени -основно, средно и високо да се изведува онлајн, односно далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.

Секоја институција ќе одлучува за формата, а наставникот може да изврши оценување на учениците. Може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

Станува збор за веб платформа, по примерот на Хрватска, која се подготвува од Бирото за развој за образованието во соработка со УНИЦЕФ. Видео лекциите за сите одделенија и сите предмети ќе траат 15 минути со нарација и објаснување од наставник , кој сам ќе се пријави за оваа цел. До сега се пријавиле 600-тини наставници, бројка која постојано расте. До сите наставници се доставени обрасци и упатства за да ги подготват лекциите. Адеми информираше дека досега наставниците испратиле над 1.000 идеи за лекциите, а подготвени се 400-тини. Лекциите нема да се повторуваат, за една тема ќе има една лекција. Платформата се надополнува секојдневно, и министерот замоли за трпение.

„Јасно е дека сите образовни установи нема да бидат отворени и во наредниот период нема да продолжат со регуларна настава. Но, ова не значи дека учебната година треба да ја прогласиме за завршена. Затоа Владата и Министересгвото заобразовани и со поддршка на УНИЦЕФ и граѓански организции понудивме мерки за продолжување на наставата со учење од дома. Наставниот кадар ќе реализра настава, вежби тестирања и оценки за објективно оценување“, изјави Адеми.

На новинарски прашања за пристапот до интернет и компјутер, Адеми одговори дека цела територија на државата е покриена со интернет и дека за онлајн-настава не треба да се има смарт-технологија. Сепак, рече, предизвикот со ИТ-опрема е поголем за учениците од основно и средно отколку за студентите и доколку има проблеми треба да се пријават. Притоа нагласи дека условите се вонредни, но образовна надградба мора да има, за што со донесени и уредбите кои обезбедуваат правна основа.

Во однос на тоа како ќе се оценува знаењето на учениците онлајн, Адеми рече дека  во уредбите за сите образовни нивоа се предвидува дека наставнците може да ги оценуваат, а за начинот Бирото за развој на образованието веќе подготвува упатстава  и препораки за сите наставници.