Брисел договорил преговори, но не и датум


Вестите што пристигнуваат од Брисел како да му даваат повеќе право на министерот за надворешни работи Никола Димитров во неговиот претпазлив оптимизам околу можноста Европската Унија конечно да го додели датумот за преговори за Македонија и Албанија.

„Политико“ јавува дека амбасадорите на ЕУ, кои денеска продолжија да расправаат околу предлогот на текстот за отворање преговори, ќе треба да се усогласат и околу неколкуте нови услови кои треба да ги исполнат кандидатите. Според некои од најавите овој предлог-текст може да има и нови измени.

Текстот на предлог-заклучокот до кој имал пристап „Политико“ е речиси во една реченица и е идентичен и за Македонија и за Албанија.

„Имајќи го предвид напредокот постигнат во реформите и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018 година, предмет на одобрување од страна на Европскиот совет, [Советот] одлучува да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија“.

Овој вординг е поинаков од оној во текстот предложен од хрватското претседателство, кој беше доставен како предлог пред амбасадорите за разгледување. Во оригиналниот текст претставен од Загреб се вели дека рамката за преговори треба да биде доставена од Комисијата „без одлагање и најдоцна до јуни“. Овој  дел од заклучокот е отстранет и ако и по министерскиот совет остане вака, тоа ќе значи дека Македонија ќе добие преговори, но не и точен датум кога ќе започнат тие, односно дека таа одлука ќе биде донесена дополнително. 

Исто така, додадени се некои нови услови за Албанија, особено за понатамошно зајакнување на нејзиното судство, „вклучително и обезбедување на функционирање на Врховниот суд и Високиот суд“ за да се одоброволат трите најскептични земји, според искажувањата на двајца дипломати кои учествувале во дискусијата .

Некои дипломати се претпазливи, бидејќи прашањето и натаму предизвикува поделби. Портпаролот на хрватското претседателство, Бруно Лопандиќ, одби да го коментира документот, но истакна дека тоа покажува дека „во време на криза ЕУ е во состојба да донесе стратешки одлуки“.

Доколку амбасадорите на ЕУ денес го договорат текстот, се очекува за него да разговараат министрите за надворешни работи следната недела, а после тоа и европските лидери. (Н.В.)