Ќе одлучат ли лидерите на партиите да ги одложат изборите?


Фото: Б. Грданоски

Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса и Алтернатива денеска во 13 часот ќе имаат координација со премиерот Оливер Спасовски во врска со реализација на владините мерки за справување со коронавирусот.

Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Билал Касами, Мендух Тачи, Зијадин Села и Африм Гаши го потврдиле присуството на состанокот, а тие со нив ќе понесат уште еден партиски претставник.

Политичките партии до денеска на 12 на полноќ треба да ги достават изборните листи за шестте изборни единици за претстојните предвремени парламентарни избори, кои треба да се одржат на 12 април, согласно роковникот, кој го објави Државната изборна комисија за активностите во пресрет на изборите.

Од Владата на брифинг со медиумите завчера порачаа дека во врска со состојбата со коронавирусот не треба да профитира политички.

– Врв на неодговорност е да разговарате со министер за здравство и за еден час да му поднесувате кривична пријава дека го загрозува здравјето на луѓето е политика што сакаат да ја пласираат. Во овие услови на ваква криза секој оној кој ќе калкулира за политика, за политички поени, за сензационализам и за што било на грбот на граѓаните и нивното здравје, некој да гради своја среќа на туѓа несреќа е осудено на пропаст – истакнуваат од Владата.

Лидерската средба завчера ја потврди и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Лидерска средба за состојбата со коронавирусот ќе се одржи в четврток во 13 часот – рече Мицкоски, по седницата на Централниот комитет на која беа објавени кандидатите за пратеници и носителите на листите за претстојните предвремени парламентарни избори.

Тој рече дека на средбата ќе биде придружуван со некој од сопартијците кои се одговорни за ресорот здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека не може да се каже дали ќе се одржат изборите. Согласно роковите изборната кампања треба да почне на 23 март.