Владата одлучи: Се затвораат училишта, градинки и универзитети во следните 14 дена


Фото: Б. Грданоски

Во следните две недели ќе бидат затворени градинките, училиштата и универзитетите, одлучи Владата по препорака на Комисијата за заразни болести, откако досега во земјава се регистрирани седуммина заболени од коронавирусот, меѓу кои и директорката на Клиниката за кожни болести.

Сите основни, средни и високообразовни и институции, како и детски градинки, да запрат со одвивање на наставно-воспитниот процес во наредните 14 дена, а еден родител на деца до 10 години ќе може да отсуствува од работа и тоа ќе му биде целосно платено. Филипче апелираше ова да не се претвори во масовно одење по игротеки, како што беше случајот при претходните појави на морбили на пример.

Исто така, се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено, сите културни настани на ниво на државата, а спортските настани да се одвиваат без публика.

Стриктна забрана за патување во Италија нема, но Филипче вели дека таму има зони каде што не може да влезете.

За тоа каде се прават тестови за корона вирус, министерот го посочи Институтот за јавно здравје, каде се прават стандардизирани тестови, а они пак што ги нудат приватните лаборатории можеби не го следат истиот протокол.