25-годишен јубилеј на АХК Северна Македонија и на Македонско-Германското стопанско здружение
Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство во денешната порака до медиумите вели дека 2025 година е многу посебна за АХК Северна Македонија и за Македонско-Германското стопанско здружение (DMWV), бидејќи заеднички ја слават нивната 25 годишнина.
„За четврт век постигнавме многу и поставивме голем број на постулати во креирањето и развојот на германско-македонските економски односи“, вели Ванделт, додавајќи дека сакаат да го искористат овој јубилеј во кој ќе се оддаде почит на досегашните успешни години, но истовремено ќе го насочат погледот кон иднината.
Во рамки на одбележување на јубилејот, Ванделт посочува две централни теми кои ќе ги придружуваат оваа година – ESG-стандардите (Environmental, Social, Governance) и обезбедувањето на квалификувана работна сила. Темите како заштитата на животната средина и климата, општествената одговорност и усогласеност не се само од клучно политичко и општествено значење, туку стануваат сè порелевантни и за стопанството.
„Денес, како никогаш порано, компаниите се соочени со предизвикот да ги направат своите деловни модели одржливи и во чекор со иднината. Не радува можноста оваа трансформација да ја реализираме заедно со вас. Достапноста на квалификувана работна сила е фактор кој е ставен на врвот на листата кога компаниите носат одлуки за инвестирање“, вели Ванделт.
Таа нагласува дека сакаат да дадат активен придонес на ова поле со тоа што се прошири понудата за дуално стручно образование по германски терк, а се нуди и програма за едукација на млади, како и едукативна програма наменета исклучиво за жени во Северна Македонија.
„Со нетрпение ги очекуваме следните месеци, се радуваме на соработката со Вас на новите возбудливи проекти, како и на претстојните 25 години“, вели Ванделт во пораката до медиумите.