25 Години од потпишувањето на Дејтонскиот договор


На денешен ден пред 25 години во Париз беше потпишан Општиот рамковен договор за мир во БиХ, попознат како Дејтонски договор, со што се стави крај на војната во Босна и Херцеговина.

Договорот, кој беше постигнат на 21 ноември 1995 година, на 14 декември го потпишаа поранешните претседатели на Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, Слободан Милошевиќ, Фрањо Туѓман и Алија Изетбеговиќ, во присуство на тогашниот државен секретар на САД Ворен Кристофер.

Со договорот босанската држава беше зачувана, но поделена на два „ентитета“: „Федерација Босна и Херцеговина“ со мнозинско хрватско и муслиманско население и „Република Српска“, претежно населена со Срби. Дополнително постоеше и „специјална административна област“ во градот Брчко на истокот на земјата. Создадена беше и Канцеларија на „Високиот претставник“ на меѓународната заедница, задолжена за надгледување на имплементацијата на цивилниот дел од договорот, потсетува Дојче Веле.

За да се избегнат можни тензии и конфликти трите „конститутивни народи“ – Бошњаци, Хрвати и Срби добија право на вето за заштита на своите „витални национални интереси“. Тоа значи дека нивните членови во Претседателството и во босанскиот Парламент може да го блокираат секое решение доколку сметаат дека нивната етничка група е загрозена.

Потписниците се обврзаа меѓусебните односи да ги регулираат според Повелба на ОН, Завршниот хелсиншки акт и други документи на ОБСЕ, како и на меѓународно почитување на суверенитетот и решавање на недоразбирања на мирољубив начин.

Договорот има 11 анекси кои се однесуваат на воени, политички и цивилни аспекти на мировниот договор, како и регионалната стабилизација.

Анексот четири од Договор сè уште е Устав на БиХ.

Дејтонскиот договор беше постигнат во воздухопловната база Рајт-Петерсон, близу Дејтон, во американската држава Охајо.

Конференцијата траеше од први до 21 ноември 1995 година, а главни учесници беа Милошевиќ, Изетбеговиќ и Туѓман, американскиот посредник Ричард Холбрук и генералот Весли Кларк.

Дејтонскиот договор беше кулминација на шатл-дипломатијата, што ја почна Холбрук со неговиот тим под покровителство на САД.