21.Скопски филмски фестивал со ретроспектива на Хичкок

Премиерната проекција на македонскиот филм „Година на мајмунот“ работен по сценарио и режија на Владимир Блажевски на 19 април ќе го означи почетокот на 21. издание на Скопје филм фестивал. Програмите ќе се одржуваат во киното „Милениум“, Кинотеката на Македонија и киното „Фросина“.

Скопскиот филмски фестивал ќе трае до 26 април, а најавени се повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и ретроспектива на Алфред Хичкок. Филмовите се распоредени во седум програми, меѓу кои се: Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Ретроспектива на Хичкок, и за првпат годинава, програмата Квир фокус.

Селектор на Програмата на авторски филм е Татјана Јаневска, Навид Сарем на Фокус на францускот филм, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров на краток филм. Во програмата Македонска продукција ќе се прикажат осум македонски филмови.

Од оваа година, Скопје филм фестивал започнува со реализација на програмата „Квир фокус“ во која ќе бидат прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот ќе направи обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар ида создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. И кога тие гласови се чуени, се дава можност да станат дел од култура која менува, култура на отпор која го обликува општеството во кое едни ќе учат за постоењето и прифаќањето на различностите, додека други ќе учат да го заборават досега наученото за да почнат да се сакаат себеси.

Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.