Посебни мерки за безбедност на Мечкин Камен: Да докажеме дека сме патриоти


Општина Крушево во соработка со полицијата и со владата ќе воведат вонредни мерки за време на прославата на Илинден на Мечкин Камен за да не се повторат ланските инциденти кога претставници на власта и на дипломатскиот кор во земјава беа нападнати од дел од присутните.

„Празникот Илинден е празник на сите граѓани на Република Северна Македонија без оглед на етничката, религиската или партиската припадност. Секој граѓанин на државата има право овој празник да го чувствува и чествува како свој. Поради тоа што овој празник им припаѓа на сите граѓани, Општина Крушево во соработка со Министерството за внатрешни работи и Владата ќе ги преземат сите мерки кои стојат на располагање за да не се повтори насилното однесување од минатата година. Наша обврска е на достоинствен начин на 2 август да ги испочитуваме сите борци за слобода на нашата држава и заеднички да прославиме за вредностите на нашето општество: мултиетничност, толеранција и соживот. Апелираме до сите кои го почитуваат овој голем македонски празник и ќе присуствуваат на централната прослава на Мечкин Камен во Крушево, одбележувањето на настанот да го проследат на мирен и достоинствен начин. На 2 август сите заедно да покажеме дека сме вистински патриоти“, соопштуваат од Општина Крушево.