20 години Fashion Group – како прославата се претвори во журка со Влатко и Џибони


Најдоброто од модата, бизнис секторот и музиката се спои синоќа, на големата прослава на најпознатата македонска retail компанија Fashion Group – 20 години од почетоците на омилената стилска приказна во Македонија, која беше чист луксуз и оригиналност, на најубавата гала локација со поглед на Скопје – во винаријата „Камник“. 

Прославата, беше замислена како бајка. Дотераните гости, со огромни букети цвеќе, беа носени со автомобили до врвот на винаријата, здание како замок, а половина пат беше послан со црвен килим, светилки, и ружи. Гостите беа водени со хостеси до одредениот коњопој, а под ведрото ѕвездено небо се виореа најголемите балони во црна и бела боја со испишан бренд Fashion Group, повторно, ружи и свеќи наоколу, и манекени кои позираа „врамени“ во модните парчиња од 30-те етикети кои се дел од Фешн груп. 

Во изминатите 20 години компанијата отвори повеќе од 30 продавници со над 30 брендови, а во 2017-тата дел од искуството го насочија кон отворање на првата онлајн продавница www.fashiongroup.com.mk.

Денеска, Fashion Group брои повеќе од 70.000 лојалти купувачи, за кои ќе кажат дека се повеќе од горди што успеале дополнително да го „украсат“ секој важен момент во нивниот живот.

На самиот настан беше прикажана и рекламата што Fashion Group ја сними по повод јубилејот, која наиде на воодушевување кај присутните поради исклучителната естетика и уметнички моменти преку кои се прикажани новите колекции и новиот бизнис центар на групацијата.

 

Мало, но значајно потсетување што значи Fashion Group за Македонија и неговите клиенти, беше кажано на почетокот на незаборавната вечер.

…„Веројатно и не постои поголема гордост во било која работа кога до вашето име ќе се надоврзе зборот јубилеј, а кога бројката на истиот е заокружена на 20, тогаш знаете дека изминатите години правевте нешто навистина добро.

Fashion Group прославува 20 години од почетоците на омилената стилска приказна на многумина, приказна која немаше да биде онаква каква што е денес доколку не постоеја лојалните клиенти со кои беше и повеќе од чест да се гради истата.

Враќајќи се наназад, сиве 20 години изминаа исклучително брзо, а повеќе од драго ни е што во текот на истите запознавме неверојатни луѓе со уште поинспиративни приказни, во чии животи ни беше чест да влеземе барем за миг.

Повеќе од горди сме што успеавме дополнително да го „украсиме“ секој важен момент во животот на сите наши клиенти, да бидеме тука секогаш кога ќе размислуваат за фините детали, а уште повеќе за нивните сјајни авантури.

Зборот „заедно“ секогаш звучи толку добро, а ние сме повеќе од среќни што можеме да кажеме дека изминатите години го изговоривме безброј пати. Од срце им благодариме на сите наши пријатели на кои секогаш им посочуваме дека она што е исклучително важно во животот е да имаш избор и им благодариме што толку често не избраа токму нас, а секогаш беа толку свои…“

…И забавата можеше да почне. Прво со класична музика и светски поп-хитови, па со „Влатко Стефановски трио“ кои избраа одличен, оригинален репертоар, полн со виртуозност како загревање, за да на крајот забавата кулминира со омилениот пејач во Македонија, единствениот Џибони, кој беше во одлична форма, со цела група со себе, и композиторот Никша Братош меѓу нив,  и нашите омилени песни „Миракул“, „Либар“…. Не чекавме долго, па старите пријатели Влатко и Џибони, заедно пееја и свиреа на сцена, и секако ја изведоа најелегичната народна песна „Елено, ќерко“…

Fashion Group испиша важен јубилеј на модната сцената и незаборавна ноќ за сите пријатели, соработници и сегашни и идни клиенти. (Л.С.)