1ТВ: Ќе работиме на волонтерска основа, публиката не` бараше

Телевизијата 1ТВ од денеска повторно почна да емитува инорфмативна програма. Од телевизијата велат дека публиката од нив барала да се вратат и тие одлучике тоа да го направат, и тоа на волонтерска основа.

-Кога пред петнаесетина дена се обелодени аферата „Рекет“, во нејзиното средиште се најде Бојан Јовановски, човекот кој ги застапуваше сопствениците на 1ТВ. Во неделата по неговото приведување, 1ТВ продолжи со висок степен на професионалност, да известува за скандалот што ја тресе политичката и општествената сцена во Македонија. Да нема сомневање: Разочараноста и сомнежите кај целиот тим на 1ТВ беа големи, пред се заради големиот креативен напор и енергија што се вложија во создавањето на најбрзо растечкиот телевизиски бренд во Македонија во годината зад нас. Минатата недела, пак, менаџментот на телевизијата и нејзините вработени, после низа состаноци и внатрешни дебати во телевизијата, решија да заминат на колективен годишен одмор, во исчекување на понатамошните политички и правосудни разврски на скандалот. А потоа уследи нешто што сите не изненади – бројни јавувања и реакции од вас, нашите гледачи, со барања 1ТВ да ја продолжи својата програма, која во изминатата година на еден иновативен и професионален начин ја освежи и ја „разбуди“ македонската медиумска, особено телевизиска сцена, како што тоа одамна не се случило во медиумскиот простор на државава. Затоа деновиве решивме повторно да се вратиме во информативниот телевизиски етер и да продолжиме, врз волонтерска основа, да создаваме неколкучасовна дневна информативна програма, се додека технички услови ни го овозможуваат тоа. Им благодариме на колегите уредници, новинари и другиот технички кадар од телевизијата кои ни се придружија во овој зафат без преседан во историјата на македонските медиуми. Ќе продолжиме да го правиме она што најдобро го знаеме: да ви ги проследуваме и контекстуализираме информациите преку нашите дневно-информативни и дебатни содржини на начинот со кој во изминатата година ја освоивме вашата висока и, за нас, скапоцена доверба, велат од телевизијата.