19 земји од Европа го запреа вакцинирањето со „АстраЗенека“, го чекаат извештајот од ЕМА


Во рок од неколку дена драматично се зголеми бројот на земјите од ЕУ кои го суспендираа вакцинирањето со „АстраЗенека“ или воведоа големи рестрикции. Нивниот број изнесува 19: Австрија, Бугарија, Кипар, Данска, Естонија, Франција, Германија, Исланд, Ирска, Италија, Летонија, Литванија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Словенија, Шпанија и Шведска.

Хрватска и Грција, спротивно, изјавија дека го продолжуваат вакцинирањето со „АстраЗенека“. Во јавноста во одделни земји се намалува довербата во оваа вакцина. Во Франција само 20 отсто од луѓето имаат доверба во „АстраЗенека“, додека довербата во „Фајзер“ е 52 проценти, покажа новата анкета на радиодифузерот БФМТВ. Европската агенција за лекови (ЕМА) во меѓувреме објави дека ќе ја даде обновената формална препорака в четврток.

Францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги во телефонскиот разговор во вторникот вечерта се согласија дека последните изјави на ЕМА за „АстраЗенека“ се „охрабрувачки“. Сите го чекаат извештајот на ЕМА в четврток за да видат во кој правец ќе продолжи запрената вакцинација.

Според достапните податоци Македонија треба да добие 100 вакцини од системот на СЗО, Ковакс“ токму од вакцината на „АстраЗенека“. (Н.В.)