18 години затвор за возачот што пијан усмрти дете од Велес


Возачот Ангелчо Николов, кој ја прегази 11-годишната Магдалена и ја усмрти, доби 18 години затвор за двете дела за кои се гонеше од Обвинителството. Тој доби и забрана за управување моторно возило. На Николов му е изречена мерка притвор бидејќи судот сметаше дека тој може да избега ако биде на слобода.

Судијките посочија дека предвид ги зеле последиците, смртната последица, однесувањето на сторителот по прегазувањето на Магдалена и на мајка ѝ, како и умислата. За судот, немаше олеснителна околност во тоа што по 30 часа, возачот сам се јави во полиција, а откога претходно беше во бегство. Тој бил и претходно казнуван за сообраќајни прекршоци и му била одземана возачката.

„Признанието вина го зедовме како олеснителна околност, но како придонес за полесно завршување на постапката. Не го зеде како околност за позитивен став, односно судот не процени дека има искрено каење“, рече судијката.

Судијката објаснуваше и за висината на казната.

„За тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, предвидена е казна од најмалку четири години, што значи дека затворот не може да биде подолг од 20 години. За неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, предвидена е глоба или казна затвор до една година. Во однос на одмерување на санкцијата, судот нема апсолутна слобода, туку има законски пропишана казна во согласност со Кривичниот законик. Судот не носи закони, туку спроведува закони“, појасни судијката.

Возачот што пијан ја усмрти 11-годишната Магдалена Иванова во Велес и потоа се даде во бегство призна на првото рочиште призна вина за делото. Ангелчо Николов пред судот рече дека признанието го дава доброволно и без никаква присилба.

Сообраќајната несреќа се случи на десетина дена пред Нова година. Возачот Николов беше во бегство, а по два дена, полицијата го уапси. Тој го управуваше возилото „мерцедес“ со прекумерна брзина, како што и призна. Освен жртвата, 11-годишното девојче, повреди имаше и мајката.