„Треш фешн“: Ученици ќе изработуваат модни дизајни од отпаден материјал


По осми пат годинава на 23 мај, од 17 часот, во Младинскиот културен центар ќе се одржи „Треш фешн“, настан кој има за цел да ја подигне еколошоката свест на повисоко ниво.

Здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО како организатори велат дека целта е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба.
Настанот е со натпревфарувачки карактер и ќе бидат доделени три награди.
Натпреварот е наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја имплементира ОХO во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
Наградите ќе ги додели петчлено жири во состав: Петар Атанасов – заменик министер за образование и наука, Ружица Антиќ – главен уредник на „Портрет“, Ирина Тошева – моден дизајнер, Марио Додовски – моден критичар и Лука Ѓоргиевски – фронтмен на бендот „Фанк шуи“.
Додека трае гласањето, ќе настапи музичкиот бенд „Бејсмент Култ“ составен од ученици од СОУ „Никола Карев“ – Скопје.
Пред настанот учениците ќе имаат можност да учествуваат на едукативна работилница. Уметницата Христина Зафировска со учениците ќе изработува модни додатоци, а изработените дела ќе бидат изложени во холот на Младински културен центар. На настанот ќе учествуваат тимови од 40 средни училишта кои веќе четири месеци собираат, рециклираат и изработуваат оригинални модни дизајни.
Годинава „Треш фешн“ се реализира со поддршка од Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија и Град Скопје.