Книгата на Никола Груевски се продава како алва


 

Книгата на поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, може да се најде на Саемот на книга на штандот на издавачката куќа „Ѓурѓа“, а уште првиот ден добро се продава.

– Има многу заинтересирани. Ја купуваат. Некои земаат и по пет примероци. Имаме мал проблем затоа што немаме пос-терминал, па не може да наплаќаме од картичка, но се враќаат со кеш и земаат по неколку примероци – велат на штандот на „Ѓурѓа“.

Книгата со наслов „Искуство за иднина“ е во издание на издавачката куќа „Ѓурѓа“, а всушност претставува докторски труд на Никола Груевски на тема : „Економските ефекти на различните видови на меѓународни текови на капитал со посебен осврт на Република Македонија“ одбранет во јули 2018 година на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Книгата е испечатена во тираж од 1.000 примероци.

„Мојата нова книга, излегува од печат преку издавачката куќа „Ѓурѓа“. Од утре, среда, 8-ми мај на саемот на книгата, а од петок и во тврдиот повез. Во септември и англиска верзија“, напиша Груевски на Фејсбук, во вторникот.

Во ВИП Арена „Борис Трајковски“ денеска од 10 часот беше отворен за посетители 31. Меѓународен саем на книгата, кој ќе трае до 14 мај. Работното време во седумте саемски денови е од 10 до 20 часот.

Учествуваат околу 70 издавачи, а посетителите ќе може да купат книги со саемски попуст. Понудата е разновидна – од белетристика до научни и стручни книги, енциклопедии, литература за деца…