16-годишното момче е најмладата жртва на пукањето во Волмарт. Со првата плата ѝ купил подарок на мајка си


 

Најмладата жртва на масовното пукање оваа недела во Волмарт во Чесапик, Вирџинија, е 16-годишник кој штотуку почнал да заработува џепарлак таму и наводно ја искористил својата прва плата за да ѝ купи подарок на мајка си два дена пред да почине.

Фернандо Чавез-Барон, заедно со уште пет други соработници, беше убиен во вторникот вечерта кога 31-годишниот менаџер Андре Бинг отвори оган во просторијата за одмор на вработените за време на состанок. Откако ги убил вработените, се самоубил.

Наводно, Бинг бил исмејуван од колегите за промена на работниот статус, се вели во полицискиот извештај кој беше објавен пред неколку дена. Кога полицијата пристигнала на местото на злосторството, Бинг веќе бил мртов. Полицијата верува дека тој се самоубил со истото оружје со кое пукал во своите колеги. Тој беше вработен како менаџер во ноќна смена, а работеше во Walmart од 2010 година.

Додека властите се обидуваат да дознаат повеќе за напаѓачот, пријателите на убиениот 16-годишник се во жалост.

Оние кои го познаваа Фернандо изјавија за мрежата WTKR дека тој штотуку почнал да работи во Волмарт и ја искористил својата прва плата за да купи подарок за неговата мајка.

Пријателот на Фернандо, Џошуа Трехо-Алварадо, рече дека сè уште не може да верува дека го нема.

„Останав без зборови кога слушнав дека е тој. Се надевав дека сето тоа е само сон. Посакувам уште да стоеше тука со мене“, изјави Трехо-Алварадо за WTKR, додавајќи дека кога слушнал што се случило, испратил порака и му се јави на Фернандо, но не добил одговор. Подоцна му се јавил на братот на својот пријател, кој му рекол дека Фернандо не преживеал.