140.000 починати во САД од коронавирусот


Фото: Б. Грданоски

Според последните податоци, во светот досега се регистрирани 14.529.602 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 606.751, а оздравеле 8.670.293 луѓе.

-Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 24 нови случаи на Ковид-19, од кои 16 ниту еден на влезните точки во земјата. Од почетокот на епидемијата заразени се 4.007 лица.

– Министерството за здравство на Кипар соопшти еден нов случај од 1.085 направени тестови, со што бројот на позитивни на Ковид-19 се зголеми на 1.038 лица.

– Бројот на смртни случаи од коронавирус во САД надмина 140.000, а во 42 од 50 држави, бројот на нови инфекции рапидно расте во последните две недели. Од крајот на јуни има зголемување на бројот на нови случаи во САД, а шест недели подоцна, бројот на починати почна да расте. Околу 5.000 луѓе умираат во САД секоја недела од Ковид-19, додека, заради споредба, вкупно 8.800 луѓе починале во соседна Канада од почетокот на пандемијата. За само една недела во САД се регистрирани се 5.600 смртни случаи, колку што има Шведска од почетокот на пандемијата.

-Во последните 24 часа во Црна Гора биле потврдени 116 нови случаи на коронавирус, а две лица починале.  Починатите пациенти се од Бар и Подгорица, а од почетокот на јуни досега од коронавирусот во Црна Гора починале 23 лица. Повеќето нови пациенти се од Подгорица (40), потоа следат Никшиќ со 32 и Херцег Нови и Котор со по 10 новозаразени. Во Црна Гора во моментов има 1.771 активни случаи.

-Во Романија, во изминатите 24 часа се регистрирани 767 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број случаи достигна 37.458 од почетокот на пандемијата. Како резултат на заразата починаа  17 пациенти, вкупно 2.026 досега. Во моментов има 12.815 активни случаи на инфекција во таа држава, а 286 пациенти се во критична состојба.

-Во изминатите 24 часа, во Хрватска се потврдени 92 нови случаи на коронавирус, така што во моментов бројот на активни случаи е 1.207 од кои153 се во болница –  девет се на респиратор. Нема смртни случаи во последните 24 часа. Од почетокот на епидемијата во Хрватска, заразени се 4.345, од кои 120 починале.

– По повеќе од еден и пол месец, во Словенија е пријавен првиот смртен случај од Ковид-19, со што вкупниот број починати изнесува 112.Шестмина од 480 тестирани во последните 24 часа се позитивни на коронавирусот, пренесува агенцијата СТА. Во Словенија досега се заразени вкупно 1.946 лица, а тестирани се 120.536.

– Бројот на активни случаи со Ковид-19 во Чешка достигна 4.764, што е нов рекорд во однос на април, кога максималниот број беше 4.737. Според Министерството за здравство на Чешка, во саботата се регистрирани 113 новозаразени во таа земја, а вкупниот број заразени од почетокот на пандемијата е 13.885. Број на смртни случаи е 358, значително помал во однос на другите западноевропски земји.

– Во последните 24 часа, речиси 3.500 пациенти се излекувани во Русија, со што бројот на оние кои го победиле вирусот изнесува 550.000. Според податоците на Кризниот центар, 71 процент од заразените се излекувани. Од вчера, регистрирани се 6.109 нови лица заразени со Ковид-19 и 95 починати. Тоа е најмал број на смртни случаи за еден ден од 29 јуни. Во Русија, од почетокот на пандемијата се заразени 771.546 луѓе, а починале 12.342 лица.

– Шеснаесет нови случаи на вирусот Ковид-19 се регистрирани во Кина, соопштија кинеските здравствени власти. Во градот Урумчи, главниот град на западната кинеска провинција Ксинџијанг, регистрирани се 13. Другите три случаи се регистрирани во јужната провинција Гуандонг и источната провинција Шандонг, каде што, според Националната здравствена комисија, заразата доаѓа од странство.
Вкупниот број заразени во Кина изнесува 83.660 лица, додека бројот на загинати е  4.634.

– Во Јапонија, во последните 24 часа се регистрирани 664 нови случаи на инфекција со коронавирус. Според Министерството за здравство, од вчера никој не починал.
Во Јапонија, најмалку 25.300 луѓе се заразиле, а 998 починале.
Од вчера, во Токио се регистрирани 290 заразени лица, а веќе трет ден по ред се пријавени повеќе од 200 нови случаи. Од почетокот на пандемијата во Токио се заразени 9.223 лица.

– Мексиканското Министерство за здравство соопшти дека во текот на вчерашниот ден се регистрирани рекордни 7.615 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број заразени во земјата е 338.913. Властите исто така соопштија дека 578 луѓе починале во изминатите 24 часа, со што  бројот на смртни случаи од коронавирус во Мексико се искачи на 38.888.

– Индија на дневна основа постави нов рекорд од речиси 39.000 новозаразени со вирусот Ковид-19. Вкупниот број на новозаразени во изминатите 24 часа е 38.902, додека 543 починале, покажуваат податоците на Министерството за здравство на Индија. Од почетокот на пандемијата, 1.077.618 лица се регистрирани како заразени во таа земја, додека 26.816 починале. Во моментот активни се 373.379 случаи, додека 677.422 се излекувани. Во Индија, пациентите со поблаги симптоми не се сметаат за активни по десет дена дијагностицирање.