МВР демантира дека има киднапирања за препродажба на човечки органи

Во врска со шпекулациите кои се шират во јавноста, а за наводно постоење на киднапери  кои киднапираат поради препродажба на човечки органи, Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира истите и ги отфрла како целосно неточни, се вели во денешното соопштение.

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла шпекулациите за постоењето на киднапери. Во Министерството за внатрешни работи досега не се пријавени, ниту случаи на киднапирање поради органи, ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи. Министерството за внатрешни работи за последните случаи на исчезнување, кои што се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопшти дека се работи за класични случаи на самоубиство.

Неосновани се и дезинформациите дека има пораст во бројот на исчезнати лица. Како што е соопштено и во текот на вчерашниот ден – статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата и дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94 отсто. Статистичките податоци од 2014 заклучно со 2018 покажуваат дека од 2008 пријавени случаи за исчезнати лица, пронајдени се 1.876 лица. Дополнително, на веб страницата на Министерството за внатрешни работи може да се проверат сите податоци и сите актуелни случаи на исчезнати лица.
МВР ги повикува граѓаните да не потпаѓаат не шпекулации со кои се шири паника и страв.
Информации за исчезнати лица, а дека по нивното пронаоѓање биле со извадени органи, се ширеа деновиве по социјалните мрежи.