На Светскиот инвестициски форум 2019 избран македонски иновативен бизнис


На годинешната сесија на Светскиот инвестициски форум на Бизнис ангели (WBAF), кој се одржува во периодот 17-19 февруари во Истанбул, Турција, Македонската делегација предводена од страна на Сенаторот на WBAF за Македонија, проф. д-р Леонид Наков, како и од министерот д-р Зоран Шапуриќ, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија постигна значаен успех.
За прв пат во историјата на македонското учество на овие Форуми на најголемите приватни инвеститори на неформален ризичен капитал, WBAF избра еден македонски иновативен бизнис –  PowerAD од Струмица, кој е успешно оценет и селектиран во групата на 50 напредни, конкуренти стат-ап бизниси од целиот свет, а кои на Форумот ќе добијат ексклузивна директна можност за финансирање на сопствената бизнис идеја од многубројните инвеститори присутни на годинешниот Форум, кои потекнуваат од европските и светски мрежи на бизнис ангели.
„Целосно сме убедени дека овој успех ќе охрабри и многубројни останати македонски носители на иновативни и конкурентни идеи да ги развиваат своите развојни проекти според моделите на WBAF кои поттикнуваат одржлив организациски развој“, изјави Наков.
Ксенија Вангелова, директор на BIC-SR – Регионален бизнис центар за иновации истакна дека голем успех е што стат ап-от PowerAD од Струмица се најде меѓу првите 50 иноватори стат ап бизниси на Светскиот Форум во огромна конкуренција и додаде дека ова е само почетокот на презентирање на македонските иновативни идеи како потенцијал за вложување од инвеститори и можност за раст на македонските претприемачки проекти.