Премиера на театарскиот перформанс „Оксиген“


„Театар Пи“ изминатиов период работеше заедно со лица со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака“ на театарски перформанс чија премиерна изведба ќе биде на 8 декември во Мала станица со почеток во 20 часот, а влезот е слободен.

Режијата и видео мапингот е на Златко Митрески и Македонка Илиевска. Камерман е Гаврило Миловановиќ. На фагот свири Јован Витанов.

– Низ серија на специфични актерски техники и процес на импровизација, во работата ќе се истражуваат можностите за создавање на театар со слики и приказни од секојдневниот живот на лицата со интелектуална попреченост. Низ ситуации и театарски игри, со нив се создаде материјал, кој ќе биде дел на драматургијата во театарскиот перформанс „Оксиген“ кој е четврт заеднички проект на „Театар Пи“ со лица со попреченост од центарот „Порака“. Акцентот ќе биде ставен на нивната способност да бидат изведувачи- перформери и ангажирано низ говорот на телото на сцена да споделат со публиката еден интимен театарски чин – вели Митрески.