Грузија и Белорусија најопасни на патот до ЕП


Иако поминаа само 180 минути, односно два од шесте предвидени меча во фудбалската Лига на нации, македонската спортска јавност со едно око гледа во соседните групи и калкулира кој би ни стоел на патот до историскиот пласман на Европското првенство, кое за две години ќе се одржи во 13 земји. Воведното славје на гостински терен кај Гибралтар беше заверено со победа над номинално најсилниот противник во нашата група – Ерменија, која во рутинска игра беше совладана со 2:0 во неделата на скопскиот стадион „Филип Втори“. Радува фактот што популарните „рисови“ покажуваат карактеристики што вообичаено беа непознати за нив, а тоа е извојување победа во натпревари каде што не прикажуваат којзнае каква игра. Речиси тридеценискиот комплекс од типот „добро игравме, ама немавме среќа“ го нема, иако треба да се признае дека и противниците што ги имавме се далеку од некој европски просек, а за врв и да не зборуваме.

Но, шансата што ни ја дава УЕФА преку новоформираното натпреварување е тука и мора да се искористи. После десетина години, Македонија има солидна репрезентација, стасаа младите фудбалери што лани изборија настап на ЕП, Пандев се врати, Алиоски, Трајковски, Тричковски, Ристовски веќе собраа доволно искуство, Барди и Елмаз се новите ѕвезди, идниот месец се враќа и повредениот Адеми, подобрена е атмосферата во и околу репрезентацијата… Едноставно, остварени се сите услови „црвено-жолтите“ победнички да ја минат групата со Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн. Следниот месец е домашниот меч со Лихтенштајн, каде што се очекува сигурна победа, а потоа е гостувањето во Ереван, каде што, во најмала рака, треба да се сочуваат двата гола предност од Скопје. Напролет преостануваат двата последни меча со Гибралтар дома и со Лихтенштајн на гости.

Под претпоставка дека нема да се случи чудо, пропозициите налагаат дека тогаш се судруваме со една од првопласираните екипи од другите три групи во конкуренцијата Д на Лигата на нации. Таму, барем засега, водат Белорусија, Грузија и Косово.

Грузијците супериорно минаа кај Казахстан на гости (2:0, стрелци: Чаветадзе и автогол на Малиу), а на домашен терен ја совладаа Летонија со голот на Окриашвили од пенал. Во нивната група е и Андора. Грузија нема многу познати фудбалери во својот тим. Имаат само еден играч во некоја од петте најсилни лиги во светот и тоа Георги Папунашвили, кој игра во Реал Сарагоза. Веројатно најдобар фудбалер им е Торнике Окриашвили (Краснодар), кој постигна девет гола во 34 меча за селекцијата на својата татковина. Другите грузиски фудбалери настапуваат по лигите во Швајцарија, Русија, Казахстан, Австрија, еден дури и во САД.

Македонија и Грузија никогаш не играле меѓусебно, но затоа три пати сме ги одмериле силите со Белорусија. Последен пат во март минатата година во пријателски меч во Скопје, кога победивме со 3:0 (два гола на Пандев, еден на Спирковски). Затоа, пак, во квалификациите за ЕП 2016, загубивме 1:2 во Скопје (Трајковски нè доведе во водство, свртеа Калачев и Корниленко), додека во Минск натпреварот заврши без голови. Белорусија досега одигра два меча од Лигата на нации. На домашен терен во Минск го декласираа Сан Марино со 5:0 (стрелци: Стасевич, Сарока, Ковалев и двапати Драгун), а вчера ремизираа без голови на гостувањето во Молдавија.. Конкурент во групата им е и Луксембург. Легендарниот Александер Хлеб го нема веќе, иако годинава по стоти пат се врати во Бате Борисов. Антон Сарока, фудбалерот на Локерен постигна пет гола во девет натпревари. Најмногу настапи (59) има Игор Шитов од Динамо Минск. Голманот Сергеј Черник брани за Нанси. Другите играат претежно во белоруското или во некое од првенствата на поранешниот Советски Сојуз.

Косово, пак, ја слави првата победа во еден официјален натпревар под закрила на УЕФА или ФИФА. Во понеделникот на домашен терен го совладаа тимот на Фарски Острови со 2:0 (Зенели и Нухиу) и со бодот кај Азербејџан го држат првото место во групата, во која е и Малта.

Вака, на прв поглед, Македонија би била фаворит против кој било од овие противници. Од четирите победници на групата, се влечат две полуфиналиња (еден натпревар, домаќин е тимот со подобар скор во групата), а финалистите во еден меч, чиј домаќин ќе биде извлечен со ждрепка, ќе одлучува за пласман на Европското првенство. Интересно, ниту една од споменатите репрезентации досега не била учесник на Европско или Светско првенство. (Г.А.)