​Реконструкција на улиците во Аеродром – се работи на улицата „Лисец“


Препознавајќи ја важноста на новите инфраструктурни проекти и реконструкцијата и одржувањето на постоечките, како важен дел од унапредување на живеењето и решавањето на клучните проблеми на граѓаните, во Аеродром продолжува реализацијата на инфраструктурните инвестиции кои се финансирани со средства од буџетот на Општина Аеродром. 
 
Деновиве градежната механизацијата работи на повеќе локации во општината, а една од нив е дел од улицата „Лисец“ каде реконструкцијата опфаќа промена на тампонскиот материјал и поставување нова асфалтна површина. Со реконструкцијата на овој дел од улицата се решава проблемот со површинското одводнување со кој подолг временски период се соочуваа граѓаните на овој дел од Аеродром. 
 
Градоначалникот Муцунски на својата фејсбук страна истакна дека активностите за реконструкција на неколку улици во Аеродром ја одразува посветеноста на општината за подобрување на инфраструктурата и создавање побезбедна и поодржлива урбана средина. 
 
„Преку внимателно планирање, вклученост на граѓаните и квалитетна имплементација на проектот, даваме одговор на постојните инфраструктурни предизвици и го отвораме патот за поквалитетни услови за живот на граѓаните“, потенцираше тој во Фејсбук објавата.