Џејмс Апатураи: НАТО е ултимативна полиса за осигурување


Џејмс Апатураи, заменик помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања, смета дека членството во НАТО е „ултимативна полиса за осигурување “ за Македонија и дека ако земјата влезе во алијансата ќе седи „на најглавната и најголемата маса“ .
На оние што се уште не веруваат дека, ако се исполни договорот со Грција, Македонија сигурно ќе влезе во алијансата, Апатураи им порачува дека тоа е единствената преостаната пречка, и после тоа нема друга.

-Ќе бидам јасен. Успешното комплетирање на договорот за името е единствената преостаната пречка за комплетирање на процесот со кој земјата ќе стане членка на НАТО. Ќе следат неколку технички чекори што ги спроведува секоја земја што и се приклучува на алијансата, но во оваа фаза единствена преостаната пречка за да се заврши процесот на прием во НАТО е успешно спроведување на договорот за името. После тоа не гледам пречки. НАТО членките беа јасни дека ова е тоа што го одблокира патот на земјата до НАТО, изјави Апатураи во интервјуто за “Независен Весник“.

Околу дилемата зошто Македонија да се приклучи на воен сојуз кога нема актуелни воени закани, Апатураи одговори:

-Јас доаѓам од Канада. И ние не чувствуваме воена закана. САД се до нас, но ние сме силно посветени на членството во НАТО. Зошто? Прво, не знаете кога ќе има закана, а НАТО е ултимативна полиса за осигурување. Второ, апсолутно осигурува стабилност и безбедност. Како што видовме, а овој регион тоа го знае добро, безбедносното опкружување може да стане подобро, но може да стане и полошо. Најдобро е во такви околности да се биде во семејство што се грижи еден за друг.

Пораката на Апатураи околу референдумот е сите граѓани да излезат и да гласаат,бидејќи се работи за историски момент за државата, кога треба да се чуе нивниот глас за одлуката што ќе има стратегиски импликации за земјата на долг рок.

„ Има моменти во историјата кога, ако не го земеш тоа што се нуди, не секогаш може да се врати назад за долго, долго време“, порачува тој. Според него членството во НАТО ќе ја зголеми безбедноста на Макеоднија, но и ќе ги подобри односите со соседите, кои зад затворена врата биле најсилните поддржувачи пред самитот Македонија да добие покана за прием во алијансата, вклучувајќи ја и Грција.

Интервјуто со Џејмс Апатураи ќе го прочитате во целост во утрешното издание на „Независен Весник“.