Џафери ја прекина седницата. Нема одлука за имунитетот на Вељаноски


Една минута по полноќ, до кога тебаше да се гласа дали да му се одземе пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељановски, претседателот на парламентот Талат Џафери ја прекина седницата и им соопшти на пратениците дека дополнително ќе ги извести за нејзиното продолжение.

Со ова се отвора можност воопшто да не биде донесена одлука во однос на барањето на Кривичниот суд за симнување на имунитетот на Вељаноски за да може да му се одреди притвор за новата истрага за насилствата во парламентот на 27 април 2017 година.

Претходно се најавуваше дека одлуката за барањето на Кривичниот суд мора да биде донесена до полноќ, согласно со роковите предвидени со Деловникот. Иако, на почетокот на седницата, по 21 часот, беа обезбедени 63 гласа за утврдување на дневниот ред, расправата течеше во тензична атмосфера, со оглед на тоа што ден претходно заврши нерешено гласањето околу имунитетот на Вељаноски во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања. Матичната комисија, всушност, не донесе соодветна препорака за парламентот „за“ или „против“ барањето на судот за одрдување притвор за поранешниот спикер.

Џафери ја прекина седницата откако одреди кратка пауза, по барањето на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никока Мицевски за пауза од еден час. Седницата продолжи само неколку минути пред полноќ во атмосфера на надвикувања и довикувања.