Џафери: Пред 27 години во Собранието поставени стратешките цели на Македонија – евроатлантските интеграции


Пред дваесет и седум години, токму овде во Собранието беа поставени и стратешките цели на Република Македонија, а тоа се евроатланските интеграции. Тоа е стратешка определба која и тогаш, а и сега ужива голема поддршка кај нашите граѓани. Декларативно, за евроатланските интеграции се изјаснуваат сите парламентарни партии, што се гледа и преку повеќето резолуции и декларации усвоени токму овде во Собранието.

Ова денеска го изјави претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери во обраќањето по повод одбележувањето на 8 Септември – Ден на независноста на Република Македонија.

– Осми септември, заедно со двата Илиндена како што народски ги нарекуваме, се троножецот врз кој е поставена и се развива Република Македонија. Ако генерациите илинденци од Илинден 1903 и Илинден 1944 година се бореа храбро, решително и визионерски, а многу од нив при тоа ги дадоа и своите животи, граѓаните на 8 септември 1991 година исто така храбро, визионерски и масовно гласаа на референдумот и се определија за независна и самостојна Република Македонија. И пратениците од првиот состав на Собранието, храбро и визионерски ја преточија оваа референдумска одлука во Уставно – правна рамка со што Република Македонија и од страна на меѓународната заедница беше препознаена како суверен и самостоен меѓународен субјект. Затоа, дозволете ми вечерва од свое име, од името на сите присутни а убеден сум дека зборувам и од името на целокупната јавност, да изразам благодарност до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија, рече Џафери.

Посочи дека во овие 27 години на самостојност се направени многу работи на внатрешен план. Денес, рече, Македонија е држава на рамноправни граѓани, држава во која се почитуваат како индивидуалните, така и колективните човекови права.

– Општеството функционира како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално и како такво претставува позитивен пример, како за регионот така и пошироко. Затоа, убеден сум дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, денеска сме многу блиску до остварување на нашите стратешки определби поставени уште пред 27 години – полноправно членство во ЕУ и НАТО, истакна Џафери.

Потсети дека со потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот од Преспа, „ширум ни е отворена вратата за полноправно членство во НАТО и за добивање на датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ“.

Тој рече дека на 30 септември, секој од нас има можност со својот глас да ја определи својата сегашност, но и својата иднина, како и иднината на генерациите кои доаѓаат.

– Секој од нас, на 30 септември треба да се потсети на нашите предци кои мудро процениле што е добро за нив, но уште повеќе знаеле одговорно да се однесуваат кон генерациите кои доаѓале после нив. Се потврдило дека храброста, решителноста и визионерството се дел од нашето битие, без разлика на која етничка група припаѓаме или, која вера ја практикуваме. Во оваа свечена прилика, би сакал да додадам уште нешто: секогаш сме знаеле да се почитуваме меѓу себе, затоа, би апелирал до оние кои ќе ја водат кампањата, нека биде позитивна и без навреди и дисквалификации на оној кој размислува различно од нас, додаде Џафери во обраќањето по повод одбележувањето на 8 Септември – Ден на независноста на Република Македонија.

Изрази уверување дека граѓаните на 30 септември ќе излезат масовно да гласаат на референдумот и оти со „нашиот глас ќе обезбедиме стабилна сегашност и многу подобра иднина, во заедница со другите европски народи на кои културно и цивилизациски припаѓаме“.