Џафери на Илинден: Наш избор е дали ќе заглавиме на слепиот балкански колосек


Од пред споменикот на Ченто, кој беше претседател на АСНОМ, а од 1945-та година и прв претседател на Президиумот на Народното Собрание, претседателот на Собранието, Талат Џафери ја повика опозицијата и сите граѓани да го поддржат исполнувањето на Договорот со Грција за името.
– Веќе е добиена поканата за полноправно членство во НАТО и имаме конкретен датум за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија, потсети Џафери споменувајќи дека за ова ни помогнале нашите пријатели и стратешки партнери од меѓународната заедница.
Сега, посочи тој, сите ние како граѓани, сме пред уште една голема и можеби судбоносна одлука.
– Дали ќе продолжиме напред кон евроатланското интегрирање на земјата или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не не води никаде е наш избор, истакна Џафери.
Актуелната власт и парламентарното мнозинство, според него, покажаа дека се подготвени да ја преземат одговорноста за иднината на државата и на граѓаните.
– Оттука, ја повикуваме и опозицијата да преземе дел од одговорноста која што и припаѓа за иднината на државата и граѓаните. Затоа, денеска кога ги одбележуваме двата илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, би сакал од ова место да апелирам до сите граѓани на Република Македонија, до сите лидери на политичките партии и до сите мои колеги пратеници од мнозинството и опозицијата, да бидат вистински одговорни и визионерски и со моќта на својот глас да го поддржат исполнувањето на Договорот со кој ќе се исполни стратешката цел, членство во ЕУ и НАТО, рече Џафери.
Со тоа, смета претседателот на Собранието, ќе биде можно и остварувањето на соништата и заложбите на претходните генерации за слободна, независна држава во која почитувањето на човековите права и слободи е од есенцијална важност.
Пред споменикот на Методија Андонов Ченто свежо цвеќе по повод Илинден положија членови на неговото семејство, потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и пратеници, министрите за финансии, за труд и социјална политика и за дијаспора, Драган Тевдовски, Мила Царовска и , претставници на Сојузот на борците, на судската власт, на верските заедници и локалната самоуправа, од Кабинетот на претседателот на државата и дипломатскиот кор.
Претходно цвеќе беше положено и на спомениците на АСНОМ во „Жена парк“ и на споменикот на  Никола Карев пред Собранието на РМ.