Џафери-Жидан: Референдумот е историска можност, членството во ЕУ и НАТО отвора безброј можности


Македонија во секоја смисла припаѓа на семејството на европските народи. Затоа се надевам дека граѓаните ќе ја искористат историската можност и ќе одлучат зрело, храбро и одговорно за својата и за иднината на следните генерации, порача претседателот на Државниот Збор на Словенија Дејан Жидан, по средбата со претседателот на македонското Собрание Талат Џафери.

– Македонија историски културно, политички и географски влегува односно припаѓа на семејството на европските народи, ЕУ и НАТО кои се основни гаранти на безбедноста и стабилноста, како и почитувањето на заедничките вредности на народите. Членството во нив овозможува безброј можности за добар и брз развој на стопанството, и подобри животни услови и развој во секоја област во земјата, истакна Жидан.

Смета дека решението што го нуди Преспанскиот договор ги отвара вратите на НАТО и овозможува почеток на преговори за ЕУ, а истовремено го сочувува македонскиот идентитет и македонскиот јазик кои, како што рече, долги години наназад беа грижа на македонскиот јазик и македонците.

– Компромисот е тежок, но е нужен и верувам дека е добар. Секој компромис бара отстапки, но, доколку ни го носи она што е најважно тоа е од исклучителна важност за сите, па и за македонските државјани, рече претседателот на словенечкиот Збор.

Тој додаде дека Словенија во Македонија гледа голем пријател и истомисленик и оти затоа се радуваат на денот кога, како што рече, заедно ќе соработуваме во рамките на ЕУ, односно ќе може рамноправно да ја обликуваме заедничката иднина.

– Македонците ќе ги нарекуваме Македонци, ќе биде сочуван македонскиот јазик, во меѓународните организации земјата веќе нема да биде под ПЈРМакедонија, а притоа е важно дека македонскиот јазик и словенечкиот ќе бидат рамноправни и официјални јазици на ЕУ, рече Жидан.

Смета дека одлуката е важна за идните генерации во Македонија кои, како што рече, нема да го носат товарот на минатото, туку да ја гледаат својата иднина и успешно да ја градат.

– Се надевам дека ќе ја искористат оваа своја историска и единствена можност и ќе ја извршат својата должност одговорно, храбро и зрело, истакна Жидан.

Неговиот македонски колега Џафери рече дека дека ЕУ интеграциите ќе останат да бидат стратешки приоритет и на Собранието и на Владата.

– При успешното спроведување и заокружување на предвидените реформи од планот на Владата 369 се очекува натамошно спроведување на планот 18 за реформи во приоритетните области и македонското Собрание ќе даде свој особен придонес како и до сега, рече Џафери.

Посетата на Жидан, потенцира Џафери, е потврда за поддршка во пресрет на референдумот, но и воопошто на РМ за полноправно членство во НАТО и ЕУ.

Билатеалните односи, рече, се одвиваат на отворен искрен пријателски начин без отворени прашања во изминатите 23 години.

Тој ја потенцира и улогата на Словенија во развој на регионалните односи преку Брдо процесот.