Џафери: Двотретинските закони ќе се сметаат за донесени, останатите се враќаат во собраниска процедура


Законите што не добија потпис од претседателот Ѓорге Иванов, а беа донесени со двотретинско мнозинство ќе се сметаат за донесени, а останатите закони ќе бидат вратени во собраниска процедура, изјави денеска претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.

-Обврска на Собранието е да ги донесе законите и моја обврска е во соодветно време, поточно веднаш по донесувањето, да ги потпишам пропратните писма и делот од указот каде е предвиден мој потпис. За законите што не се носат со двотретинско мнозинство претседателот на државата е должен во рок од седум дена да одговори дали ќе ги потпише или не. За законите што се донесени со двотретинско мнозинство претседателот, според Уставот, е должен веднаш да ги потпише указите. И во првиот и во вториот случај претседателот одбил тоа да го направи, ги вратил законите со неговото објаснување дека е тој повикан да го штити Уставот. Во оваа ситуација законите што се носени со двотретинско мнозинство не можат повторно да се вратат во собраниска процедура и се сметаат за донесени. Другите закони, според Деловникот, должен сум во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законите да ги вратам во повторна собраниска процедура, односно да ги ставам на седница и, секако, тој рок од моја страна ќе биде испочитуван, рече Џафери.

Тој појасни дека нема никаква пречка Собранието да може да работи во време на предизборна кампања, но оваа ситуација, вели не изискува по секоја цена Собранието да работи затоа што рокот е да се стават на седница, а одлучувањето може да трае поради можната дебата, и затоа не може да се предвиди дека ако се стават на седница, законите веднаш да бидат донесени со потребното мнозинство.

Што се однесува до можните импликации по однос на одлуките на Советот на ЕУ, Џафери смета дека нема да има последици и не би требало да има последици, затоа што Собранието, вели, соодветно ги донело законските решенија во соодветниот рок што беше предвиден во контекст на ЕУ. Но, и тие, додава, се свесни дека Собранието и во повторната ситуација ќе ги донесе законите и нема пречка да се донесат, затоа што зад повеќето закони застанаа сите политички партии претставени во парламентот, значи едногласно и за двотретинските закони со учество на опозицијата.

-Во тој контекст сметам дека е дадена соодветна гаранција до ЕУ дека тие закони ќе заживеат и ќе бидат активни. Сметам дека ЕУ и институциите на Унијата не се бават повеќе со прашањето Иванов знаејќи дека е на крајот на мандатот и ништо друго не може ни да очекуваат освен вакво однесување. Но, во секој случај ние како собрание сме подготвени да ги завршиме нашите обврски, потенцира спикерот на парламентот.

Досега од Иванов биле вратени вкупно 15 закони, од кои три-четири се двотретински од областа на правда и правосудство, што не подлежат на повторно постапка.

-Првата група се закони што се донесени на 28 февруари, втората група се закони што се донесени на 4 март и третата група се донесени на 7 март, што значи првата група и прва седница што морам да ја свикам на која ќе бидат ставени првата група закони е најдоцна 28 март. Имајќи предвид дека на тој датум е седница за пратенички прашања, може да очекувате ден порано да се свика таа седница и да се исполни рокот од 30 дена, но тоа не значи дека законите од 4 и од 7 март треба да чекаат да се исполни рокот од 30 дена, и тие закони може да ги ставам на истата седница оти се во рокот од 30 дена откако се донесени и вратени, вели Џафери.

Запрашан дали ќе присуствува на ратификациите на Протоколот за НАТО и во други земји, Џафери вели дека тоа е негова обврска и би било недипломатски и несмасно да не оди, доколку е официјално поканет и доколку не е во спротивност со агендата на неговите обврски.