Ќе си простат ли Заев и Мицковски?


Лидерите на двете најголеми партии – владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, ќе се сретнат в недела, како што потврдија и двајцата деновиве. Тоа ќе биде нивна прва средба по речиси осум месеци, кои поминаа во знак на изразено ривалство меѓу двете партии во однос на клучните политички процеси што се одвиваа во овој период во земјава.

Иако засега нема повеќе детали за средбата, која има посебна симболика со оглед на тоа што се поклопи со верскиот празник Прочка, првичните најави се дека засега веројатно нема да се оди на проширување на форматот со лидерите на другите парламентарни партии. Заев вчера кусо изјави дека е потврдена лидерската срeдба за в недела со Мицкоски. На прашањеto дали ќе си простат со лидерот на опозицијата, Заев рече вчера дека е транспарентен, во духот на помирувањето.

„Во духот на простувањето и помирувањето многу сум транспарентен. Им простив на луѓето што држеа пиштол и викаа немам чиста мета, затоа што животот треба да тече напред. Со Мицкоски немаме ништо лично. Ќе продолжам да негувам позитивен дух. На нашата земја ѝ треба дијалог. Тоа е ветер во грб во сите наши аспирации и ќе продолжам во тој дух, без разлика колку се инсинуираат лоши зборови“, рече Заев

Претходно, Мицкоски изјави дека в недела ќе се дискутира за три клучни прашања: СЈО, реформските закони и претседателските избори. Средбатасе реализира на барање на ВМРО-ДПМНЕ, откако партнерите во Владата постигнаа договор за новиот закон за јавното обвинителство, со кој се регулира и статусот на СЈО. Паралелно со барањето за лидерска средба, ВМРО-ДПМНЕ го испорача повторно и предлогот државниот јавен обвинител да се избира на предлог на опозицијата, што во овој момент е неприфатливо за СДСМ.

Решавањето на статусот на СЈО, всушност, е најжешката точка на раздвојување меѓу партиите во парламентот, за што резерва имаше и ДУИ. Затоа останува отворено прашањето дали и како ќе се обезбеди потребното квалификувано мнозинство пред почетокот на кампањата, со оглед на тоа што станува збор за законско решение што сега се смета за клучно за одлуката што се очекува во јуни околу почетокот на преговорите на земјава за членство во ЕУ.

Иако законот за јавно обвинителство беше повод за ВМРО-ДПМНЕ да побара лидерска средба, последните позиции на Мицковски не влеваат многу оптимизам дека ќе се постигне согласност за парламентарната опозиција да се вклучи во донесувањето на новата регулатива. Гостувајќи на ТВ Алфа, Мицковски оцени дека „проектот Катица Јанева е завршена приказна“.
„Можам да кажам дека СЈО не само што не ги оправда очекувањата поради коишто беше формирано, туку напротив, целосно разочара и тоа е јасно видливо и на анкетите“, изјави Мицкоски.

За средбата со Јанева, Мицкоски рече дека таа не успеала да го убеди во нејзините капацитети и потврдила, како што нагласи, дека нејзината стручност е на ниско и дискутабилно ниво.

„Не само што не успеа да ме убеди во нејзините капацитети како човек, туку и нејзината стручност е на ниско и дискутабилно ниво. Таа ја пропушти својата шанса да биде специјален јавен обвинител кој ќе биде заштитник на правото и правдината. Таа се претстави во едно лошо светло и не ја заслужува поддршката – ниту таа, ниту нејзиниот тим“, нагласи Мицкоски.

Регуларноста на претседателските избори на 21 април и на 5 мај е исто така еден од клучните критериуми пред одлуката на Европскиот совет околу преговорите со нашата земја. Притоа, како еден од ризиците се посочува и можноста да не биде постигнат цензусот од 40 проценти за успешност на изборите. Во контекст на изборите, Мицкоски посочи дека тие ќе претставуваат своевидно референдумско изјаснување на граѓаните за тоа „дали го поддржуваат заевизмот во оваа форма во која што сега е присутен во македонското општество и дали ќе одлучат да му дадат легитимитет да продолжи во таа форма“.

Заев , пак, изјави вчера дека Северна Македонија мора да има кристално чист изборен процес и дека тоа е обврска на сите.

„Ќе разговараме и за реформските закони, но ниту јас ниту Мицкоски сме најстручни. Треба стручни луѓе од парламентот и од Министерство за правда да седнат на маса“, изјави Заев.

Што се однесува до реформски закони за кои е потребно двотретинско мнозинство, но и консензус меѓу власта и опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ минатата недела учествуваше во донесувањето на три закони од областа на правосудството. Сега треба да се вложат напори за усогласување на законите за реформа на безбедносно-разузнавачките служби, за кои ВМРО-ДПМНЕ беше воздржана пред неколку дена кога тие беа донесени во прво читање во парламентот.

Референдумот и тивкиот бојкот на опозицијата, собирањето на потребното мнозинство за уставните амандмани, стапувањето во сила на Преспанскиот договор, случувањата во врска со „крвавиот четврток“ во парламентот, бегството на Никола Груевски, новите кривични постапки против функцинери на ВМРО-ДПМНЕ… придонесоа за максимално затегнување на односите меѓу двете најголеми партии во последните месеци. Сега Заев и Мицкоски седнуваат повторно на заедничка маса. Нивните последни средби се одржаа лани летото, кога двајцата лидери не успејаа да постигнат согласност околу прашањето и карактерот на референдумот за името. Затоа, пак, по долга блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ, беше постигната согласност за избор на новиот состав на ДИК, кој ќе ги спроведе и престојните избори. (А.М.М.)