Ќе се фаќа последниот воз за СЈО


Откако двете најголеми политички партии не успеаа да се договорат како да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство, кој е клучен услов за добивање на датум за почеток на преговорите на земјава со ЕУ, во разговорите се вклучи и шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
Тој вчера се сретнал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата Александар Николоски. Според соопштението од опозициската партија, на средбата се зборувало за актуелната политичка ситуација, реформите кои се поврзани со обвинителството и потребата за фер услови за демократски избори.

„Мицкоски го запозна Жбогар со принципите што ВМРО-ДПМНЕ ги вклучи во амандманите на Предлог законот за јавно обвинителство, а кои се базираат на меѓународните стандарди што ги гарантираат основните човекови права и кои се морална обврска за државата во патот кон ЕУ“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски му се пожалил на Жбогар за политизираноста на правосудниот систем кој, според него, служел за политичкиот прогон на неистомислениците на власта.

По двете неуспешни средби, работните тимови на власта и опозицијата денеска ќе направат нов обид да се постигне согласност за законот за јавното обвинителство, во кој е инкорпорирано и СЈО.Двете страни, иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати. ВМРО-ДПМНЕ завчера до Министерството за правда и меѓународната заедница доставило 65 амандмани. Двајцата лидери на најголемите политички партии, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на завчерашниот дуел ги спротивставија ставовите во однос на законот за јавно обвинителство.

Со амандманите ВМРО-ДПМНЕ бара формирање комисија за да истражи како досега се потрошени 15 милиони евра наменети за СЈО, бидејќи имале индиции дека некои од нив не биле трошени законски, а Мицкоски на дуелот тврдеше дека нема намера да штити криминалци.

„Овој закон за јавното обвинителство не подразбира постоење на СЈО како автономно, туку негово инкорпорирање во Јавното обвинителство. Ако сега ова СЈО биде инкорпорирано во ЈО и му бидат оставени истите ингеренции, не сме ја постигнале целта, ќе имаме еден орган со права и без обврски. Имаме сиромашен буџет, ајде да го споиме со Обвинителството на гонење на криминал и корупција и да имаме еден оддел, кој ќе биде оддел за висока корупција“, рече Мицкоски.

Заев изрази оптимизам дека ќе се постигне договор и нагласи дека не се откажува од иднината на Република Северна Македонија, напоменувајќи дека овој закон е еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ.

„Дијалогот продолжува. Верувам дека законот треба да го донесеме сите заедно со консензус, бидејќи тој е дел од сериозната реформа на правосудството. Дали ќе продложат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ја блокираат Република Северна Македонија заштитувајќи го криминалот или конечно ќе бидат конструктивни во овој процес, бидејќи се работи за СЈО и иднината на јавнообвинителскиот процес? Дали ќе се блокираат преговорите со ЕУ на сметка на заштита на криминалците?“, запраша јавно Заев.

Во меѓувреме Заев тврди дека власта во потрага по двотретинско мнозинство паралелно разговара со помалите пратенички групи, со осуммината пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, но и со Беса и Алијансата на Албанците. Сепак групата независни пратеници не откриваат дали ќе го поддржат или не новиот закон за јавно обвинителство.

„Ставот на независните пратеници во врска со СЈО е дека ова обвинителство треба да продолжи со работа. Имаме наши забелешки за законот и тие ќе ги доставиме кога ќе се отвори дебата. Исто така мислиме дека треба да има консензус околу ова прашање од сите политички субјекти“, велат од „одметнатите“ од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.

Според првичните рокови законот за јавно обвинителство требаше да биде изгласан до 1 април, кога Собранието треба да се распушти во пресрет на претстојните избори. Сепак обезбедувањето на двотретинското мнозинство оди тешко, а не се исклучува можноста во разговорите да се вклучи и меѓунардната заедница.

Сепак доколку утре се постигне договор, постои теоретска можност истиот ден законот да биде ставен на гласање во Собранието и да се обезбеди договор за идниот статус на СЈО. Обезбедувањето на мнозинството за овој закон стана тешка мисија со оглед на тоа дека дел од пратениците кои треба да го дадат својот глас, од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и од редовите на владејачката албанска партија ДУИ, се или обвинети или осомничени во истрагите и предметите на Специјалното јавно обвинителство. (Ф.Ф.С.)