Ќе се справиме ли со „дилерите на страв“ пред референдумот
Ѓорѓи Спасов
Во свеста на македонскиот народ со години наназад беше вгнездуван стравот од соседите, од Албанците во Македонија, од големите сили, од мрачните сценарија за национално обезличување на Македонците и за уништување на можностите за постоење на нивна држава.
Соочени со многубројни неправди, порази и жртви во процесот на градењето на македонската национална посебност, но при создавањето на првата држава на македонскиот народ по Втората светска војна, живеевме, како што ќе забележи писателката Кица Колбе, со „психологијата на жртва“, со чувството дека сме уценети, потценети, дискриминирани и дека нема правда. Беше вгнездена свеста дека не нè бидува, не можеме ништо сами да направиме, дека ништо не зависи од нас, дека немаме моќни пријатели кои би нè подржале, дека сме многу мали и никој за ништо не нè прашува. Зборувавме дека ќе се иселиме од овој простор, ќе исчезнеме и дека тоа ќе се случи бидејќи немаме добри политичари, државници кои ќе се одважат да ризикуваат да ги изгубат следните избори и да постигнат за време на својот мандат нешто многу позначајно за својата земја, нација и за идните генерации во македонското општество. И живеевме, насекаде низ светот, со нашите илузии за големината и староста на македонската нација, со нашите митови за Александар и Филип кои ги победиле Грците и го освоиле светот, со верувањето дека сме „избран народ“, чие име 33 пати се споменува во Библијата, земја во која дошол Свети Павле и се населил во Паљурци, и дека од нас почнала да се развива цивилизацијата, писменоста и да се шири христијанството.
Од денот кога се распадна Југославија, во чии рамки безбедно се развиваше македонската национална свест култура и историја, се соочивме не само со реални негирања и притисоци во однос на нашата самостојност, туку се појавија и нови на дилери на страв од „внатрешниот и од надворешниот непријател“ на земјата.
Тие сејачи на стравот со помош на конспиративните теории долги години нудеа „сигурни докази“ за тоа зошто „сите нè мразат“, зошто „сите нè парчат и делат“, зошто „нема правда за Македонија и Македонците“ и зошто единствениот начин да опстанеме е да не попуштаме пред никого. Ако треба и корења ќе јадеме – беше и остана нивната клучна поента, па дури и кога нивните деца ги праќаа да живеат безбедно и богато во земјите на ЕУ, во САД или Австралија.
До пред изборите во 2016 година не верувавме дека сме способни да се справиме ниту со нашите локални бандити кои ја имаа заробено државата, дека ќе ни бидат потребни уште многу децении за да се надмине етничкото гласање само за „своите“, дека ќе изгубат оние Македонци и партии што ќе понудат концепт за Македонија како едно општество на рамноправни граѓани. Во еден момент видовме дека противниците на промените се подготвени и да убиваат само да не се случат промени на власта и не верувавме дека еден ден за тоа сепак ќе одговараат на суд.
Во такви услови потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и поклонувањето на Заев и Борисов пред споменикот на Цар Самуил, предизвика шок во македонските националистички кругови. Првите реакции беа дека го губиме јазикот, се откажуваме од историјата, го оставаме во немилост македонското национално малцинство во Бугарија и дека Заев и неговиот тим извршуваат национално предавство.
Набргу по сите тие обвинувања и таа националистичка хистерија, во посета на Бугарија отиде Ѓорге Иванов, кој беше предводник на тој камп и изјави дека договорот е добар и дека треба да се почитува.
Никој не веруваше дека Заев ќе успее да склучи и договор за добрососедство и пријателство и со Грција, со кој на Македонија конечно ѝ се отвора патот кон членство во ЕУ и во НАТО. Со години билданата свест дека проблемот со Грција за разликите околу името не лежи во името, туку во фактот што Грција не сака да дозволи да постоиме како посебна македонска нација со свој македонски јазик, култура и историја, создаваше голема скепса не само во способноста на Заев да успее во постигнувањето фер договор со Грција, туку и во подготвеноста на Грција да ја прифати новата политичка реалност и да се справи со сопствениот национализам.
Голем број граѓани одново се изложени на шок. Одеднаш Заев им понуди политика со која националниот страв се заменува со национална храброст. Фрустрациите со оптимизам. Конфликтот со соседите со пријателство. Национализмот со почитување на другите нации и со разбирање на нивните стравови. Изолацијата на земјата со интеграција.
Македонија со храбрите политички одлуки на новата власт започна еден многу чувствителен процес на ослободување на нацијата (но и на лишување на нацијата) од нејзината лажна големина и старост, од лажните митови и митологизации, од предрасудите за соседите и за големите сили, од фрустрациите и од националните стравови. Заев со своите потези прави сè за да ја снабди нацијата со нова национална храброст, со оптимизам, да го подигне националното достоинство и да ѝ обезбеди на земјата и на нацијата нови почитувачи и пријатели.
И тоа е најтешката реформа од сите реформи што треба да ги направи Македонија. Без таа реформа на свеста и менталитетот, нема да се случат успешно ниту реформите во судството, ниту во полицијата ниту во економијата.
„Договорот со Грција“, како што ќе забележи писателката на прекрасниот роман „Земја на бегалците“ Кица Колбе, „ѝ обезбедува на Македонија целосно меѓународно признавање на нејзината независност која била сон на сите борци за слобода и за независност на Македонија“. Лидерот на партијата „Виножито“ во Грција, Павлос Васкопулос, кој се бори за етничките права на Македонците во извонредно тешки околности, во интервју за „Нова ТВ“ им објаснува на оние кои се плашат со губење на „институционалниот идентитет“ дека „префиксот ‘Северна’ не значи какво било оспорување на идентитетот. Мислиме дека тоа воопшто не влијае врз националниот идентитет. Ние сметаме дека македонскиот национален идентитет е загарантиран секаде во светот“.
Оттука, гласањето на референдумот за договорот со кој ѝ се отвораат вратите на Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, не е само обично извршување на граѓанската должност туку е висок патриотски чин и можност да се биде на вистинската страна во еден ваков историски момент.