Ќе се реновира пешачката патека и ќе се изгради нова инфраструктура во Дојран


Подготовката на техничката документација за реконструкција на пешачката патека покрај Дојранското езеро, изградба на локален пат, поставување нова урбана опрема и како и изработка на проекти за заштита на животната средина во чија што реализација би можел да помогне и УНДП, биле темите на разговор меѓу заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

Градоначалникот Ангов истакна дека и покрај негативните финансиски последици од претходниот градоначалник поради непочитување на процедурата за имплементација на Европски проекти, општината успеала да обезбеди 489.000 евра од ЕУ за реализација на заеднички проект со грчката општина Серес и Универзитетот „Аристотел“ од Солун со примарна цел да демонстрира општински модел за управување со био отпад во земјоделските региони за производство на биогас и компост.

Заменикот министер за локална самоуправа, Павлески,истакна дека Програмата за прекугранична соработка со Грција дава големи можности затоа што преку неа од ЕУ на располагање се 45,5 милиони евра од кои половината се за проекти во Македонија и дека кофинансирањето во висина од 15 отсто ќе го обезбеди Министерството за локална самоуправа од државниот буџет.

Заменик министерот Павлески оствари средба и со граѓани и претставници на бизнис заедницата од Дојран на која се разговараше за владиниот план за економски раст и можнотите за развој на општината и Југоиточниот плански регион.