Ќе се испитува проектот за „балистите“


Во рамките на конкурсот „Млади Европејци“, комисијата одобрила проект „Запознај ја Македонија“, со поддршка од 150 илјади денари за изработка на три видеа како промоција на три града од земјава. Но јавноста реагираше на првото видео од овој серијал посветен на Тетово, каде што се зборува дека обележје на овој град е навивачката група „Балисти“ на фудбалскиот клуб Шкендија.

На една секунда во видеото се појавува паролата „Тие се канцерот на Европа, УЕФА дали ви требаат уште?“, па еден од новинарите го запраша министерот Адеми дали ќе преземе нешто во врска со прикажувањето на оваа парола.

– Во апликацијата која беше доставена во Министерството за култура за проектот „Запознајте ја Македонија“ од лицето Фатон Ислами беше наведено дека во три различни града (Тетово, Кратово и Кичево) преку снимени видеоматеријали ќе се промовираат некои особености и автентичности од културното живеење на овие градови. Во доставената апликација, во описот на проектот и во видеото што го погледнав, нема говор на омраза ниту, пак, повикување на насилство. Но, доколку има нешто, инспекција ќе го преиспита случајот и ќе преземе активности – рече Адеми и додаде дека како министерство нема да дозволат да се промовираат такви работи.

Сцената со паролата е од октомври 2014 година на тетовскиот стадион на фудбалски меч на Шкендија. Кореографијата на „балистите“ тогаш содржеше колаж од фотографии со српски спортисти и беше насловена како огледало на српскиот спорт. Меѓу нив ги имаше и немилите сцени од стадионот во Џенова, на кој српски хулигани предизвикаа прекин на натпреварот меѓу Србија и Италија, а се дискутираше дека ваквата реакција на „балистите“ се однесува на прекинатиот натпревар во Белград меѓу Србија и Албанија, кога над теренот се појави дрон.