Ќе нѐ уништи незнаењето и примитивизмот


Ерол Ризаов

Секогаш кога Македонија ќе стаса на некоја историска раскрсница ќе букне балканскиот примитивизам и простотија, разгорени од постојаните дежурни пиромани добро распоредени во престолнината и вдолж реките Брегалница и Вардар сѐ до вливот, па и понатака среде Белото Море. Чуварите на националниот идентитет и достоинството на шопјето кое стенка оковано во прангите на незнаење, беда и сиромаштија, дуваат силно врз никогаш неизгасената жар и палат огнови. Отвораат стари рани. И кога убаво ќе се разгорат пожарите, еве ги во првите редови да ги гаснат и да организираат потера против непријателите и предавниците на народот кој одвај преживува со по три кафени лажички пелин наутро, гнев напладне и катран навечер.

Редовно страдаме од ајдуци и арамии кои си го продале и брата си за пари, а кои се маскираат во патриоти, првоборци и народни херои. Тоа го гледаме и врескаме со години демек ги откриваме штетниците. Ќе речете, шооти, нема фајде. Е, не било баш бадијала. Почнаа да се одмрсуваат македонските состојби. „Мацедонише цуштенде“ е на добар пат да остане како црно петно во историјата.

Затоа треба да се каже јасно и гласно само напред кон Запад, кон Европа и гледајте во ретровизорот за да се одржува пристојно дистанцата од тие што влечат назад. Нема многу време за празни и јалови дебати. Треба храбро да се преземе одговорноста по цена на саможртва да се стаса што побрзо до целта. За тоа веќе има некои драгоцени искуства на кои бев непосреден сведок . Ако 1993 година се вратеше претседателот на државата Киро Глигоров од Њујорк, од Обединетите нации, како национален херој кој им кажал храбро „њет“ на нашите непријатели од меѓународната заедница збрани во ОН, да го чуваше националниот идентитет и гордост, да го отфрлеше жестоко тоа ФИРОМ од неговата маса во салата на Генералното собрание и дојаваше на бел коњ во Скопје три дена ќе игравме оро на плоштадот, а четвртиот ќе ја отворевме стручната расправа на аналфабетите и лажните патриоти дали може да влеземе во ОН со срамното име БЈР Македонија. Расправата на територијата која е ничија земја, ако не си членка на ОН, ќе траеше до ден денес броејќи предавници и патриоти определувајќи се за и против прашањето дали не се губи идентитетот на Македонскиот народ со името БЈРМ, за тоа дека никој нема право тоа да го направи без референдум, никој нема право да потпише капитулација, промена на уставот итн., итн…

Наместо тоа, стариот мудрец Киро Глигоров, вечно му име, си одржа историски говор првпат на македонски јазик во Генералното собрание на ОН, се развеа македонското знаме пред зградата на Ист Ривер. Македонија стана членка на ОН, историски датум кој во Македонија за неверување ниту се слави ниту се одбележува како што треба. Никогаш никој од силните бранители на националниот идентитет и територијалниот интегритет и националното достоинство не се обиде во Македонија да разјасни што ќе се случеше ако тогаш се прекинеше постапката за прием во ОН со привременото име БЈР Македонија, како што сега предлагаат некои луѓе чиј најголем аргумент за таа бесмислица што ја заговараат се титулите што ги ставиле како поважна додавка отколку нивното име и презиме.

Иако членството во ОН и Привремената спогодба со Грција, баш со тоа име БЈР акедонија се најголемите адути и за националниот идентитет и за јазикот бидејќи со самиот тој чин се признати од ОН и потврдени и од меѓународниот суд за правда и од 137 држави кои ја признаа Македонија под уставното име и ден денес се разгоруваат страстите дека тоа било голема грешка иако никој во изминатите рамно 25 години од приемот на Македонија во ОН ниту го загуби идентитетот ниту го почеша јазикот.

Следниот пример кој го живееме и боледуваме е во обратна насока. Наметнатиот спор за уставното име стана добра стратегија за предизборни активности и во Македонија и во Грција и одлично тесто за месење на народите како најдобро оправдување што останавме последни и најсиромашни на Балканот со неизвесна иднина. Од година во година целиот арамилак и заробувањето на државата убаво се затскриваше зад одбраната на уставното име. Не задушија властодржците со патриотскиот вознес во одбрана на името, јазикот и националниот идентитет. Цели 25 години изгубивме бранејќи го името и полнејќи ги џебовите на арамиите за да конечно стасаме првпат пред вратите на најголемите светски политички, економски и воени сојузи ЕУ и НАТО кои заедно со ОН се поголема гаранција за поизвесна иднина и постабилна држава отколку да си надвор од нив.

Болниот компромис ќе биде исто толку болен колку и името БЈР Македонија, а јазикот и идентитетот ќе ги загубиме исто колку што ги загубивме од името БЈРМ. Никој, ама баш никој нема да стане ниту „Горно Македонец“ ниту „Северено Македонец“ ниту, пак, некој ќе зборува на некој друг јазик ниту, пак, некој ќе ја нарекува нашата држава „Македониџа“, или некако неартикулирано како што деновиве карикираат некои загрижени за хигиената на нацијата . Напротив, не повеќе од десетина години по влезот на Македонија како членка на НАТО и во ЕУ ова историска ера повеќе од 30 години ќе биде одбележана како изгубено време на штета на граѓаните на Македонија кое сметано од 2008 година наваму кога беше реално да станеме членки на НАТО и од 2013 година кога заедно со Хрватска требаше да станеме членки на ЕУ ќе биде ненадоместливо уште долги години.

Зошто е толку значајно членството на Македонија во ЕУ и во НАТО прашуваат најчесто тие што не сакаат да ја видат Македонија во тоа друштво. Одговорот е многу едноставен –  не затоа што нема друга алтернатива, таква секогаш може да се најде особено полоша, не затоа што никој не ја ни нуди, туку поради фактот што ако Југославија ги прифатеше условите за влез во НАТО и во ЕУ кои беа експресно понудени од Брисел и од сите државници на Западна Европа и на Америка немаше да дојде до незин распад. Членка на ЕУ и на НАТО сѐ уште се нема распаднато. Тоа го знаеја тие што го спречија членството во ЕУ и во НАТО на Југославија. Тоа го знаат денес и тие што сакаат да го спречат членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, а другите што не го знаат тоа, а работат на тоа да не се случи се корисни будали впрегнати во распадот на Македонија. Се разбира, помалку крвав отколку на Југославија, оти тука нема јунаци за гинење, туку само за сликање, за дебати и митинзи.