Ќе „извиси“ ли референдумот !?


Уставниот суд е пред тешка одлука од која, практично, зависи дали ќе продолжи референдумската кампања и дали ќе се гласа на 30 септември или ќе настане политички хаос во државата.
Деветтемина уставни судии утре теба да се изјаснат околу три иницијативи за оценување на уставноста на Одлуката за распишување на референдумот, што, според информациите, се споени во еден предмет. Подносители на иницијативите се Левица, Светскиот македонски конгрес и извесен Марјанчо Ангеловски од Куманово, како приватно лице.
Соговорници од судот велат дека поради тоа што се работи за обемен предмет, оценувањето на уставноста на референдумската одлука е единствена точка на дневниот ред и дека се очекува долга и тешка дискусија. Првичните проценки се дека „кај мнозинството судии ќе преовладее чувството за државен интерес и дека иницијативите ќе бидат отфрлени или дека судот ќе се прогласи за ненадлежен да одлучува по нив.“
Сепак, ситуацијата е ризична, со оглед на позицијата од која почнува расправата, а тоа е извештајот на судијката Елена Гошева која е назначена за известител за овој предмет. Соговорници од Уставен суд потврдуваат дека Гошева, која беше претседателка на судот во најкритичниот период од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ (2013-2016 година) во извештајот предлага да се покрене постапка за оценување на уставноста на Одлуката за одржување на референдумот.
Ако се има предвид распоредот на сили во Уставен суд, каде што уште четворица од судиите се од периодот кога оваа институција ја потресуваа скандали и беше обвинувана за пристрасност кон претходната владејачка гарнитура, реален е ризикот предлогот на Гошева да биде прифатен. Тука треба да се има предвид и дека еден од новите членови на Уставен суд е довчерашен советник во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов чии, пак, ставови против договорот за името се општо познати. Во таква констелација на односи не се исклучува можност од надгласување во сооднос шест спрема три во корист на аргументите на Гошева. Сепак, нашите соговорници од судот сметаат дека нема да дојде до тоа и дека одржувањето на референдумот нема да биде доведено во прашање. Наводно, кај мнозинството членови на судот сега преовладува ставот дека референдумот е прашање од државен интерес и дека тој процес не смее да биде загрозен.
Поранешниот уставен судија и претседател на судот Трендафил Ивановски смета дека иницијативата за оспорување на одлуката за распишување референдум е обид за уривање на државата. Според него, формално-правно, судот има на располагање три можности. Првата е да ја отфрли иницијативата, ценејќи дека прашањето не е такво за Уставниот суд да постапува. Втората може да биде Судот да ја одбие, односно да не поведе постапка кога веќе ја ставил во фаза на одлучување, и третата, може да одлучи да поведе постапка отпосле, да оди и на соодветно укинување или поништување.
Трендафилов стравува дека со поставување на самото прашање за разгледување пред Уставниот суд, имајќи го предвид досегашното искуство од работата на овој судски состав, се оди на таа црна нитка – на рушење на темелите на државата.
– Рушењето на тој референдум би значело рушење на тие темели и на опстанокот на државата, истакна Ивановски.
Според него, Уставниот суд со своето политиканство внатре и политичките влијанија во еден период од своето делување, кога беше прочуената аболиција, кога се заговараше претседателот на државата да донесе таков противуставен акт, па потоа самиот претседател ја повлече, покажува дека има таква можност, односно манифестирање во практиката на една појава на рушење на самиот поредок.
– Да се надеваме дека сепак ќе преовлада разумот кај членовите на Уставниот суд, вели Ивановски.
Со писмо до јавноста се јави и Бранко Наумовски, првиот народен правобранител, а потоа и уставен судија и претседател на судот. Тој вели дека ќе гласа на референдумот, како што наведува „за“ договорот со Грција.
-Сакам да ги повикам сите оние манипулатори, дезинформатори, квазиполитичари и квазипатриоти и разно разни стручњаци и квазианалитичари, кои од лукративни и клиентелистички побуди станаа политичари, аналитичари и стручњаци, да престанат да ги манипулираат и дезинформираат граѓаните со повик за бојкот, под превезот дека договорот е штетен и манипулантски. И еднаш барем, наместо за свои и туѓи интереси, нека направат нешто за нашата држава“, наведува, меѓу другото, Наумоски во посмото до јавноста.
Последниве денови, спроти седницата на Уставен суд за референдумот, дел од предводниците на кампањата за бојккот, како Јанко Бачев излегуваат со изјави во јавноста дека Владата за да избегне, наводно, неуспешен референдум ќе се обиде да избега од него, преку одлука на судот за изрекување времена мерка за стопирање на активностите за гласањето ан 30 септември. Тезите, пак, на иницијаторите на претставките до Уставен суд во врска со Одлуката за распишување на референдумот се дека овој документ не ги содржи сите потребни елементи, дека референдумското прашање е манипулативно и повеќезначно и дека рефрендумот се однесува и на сојузништвото со ЕУ, што подлежи под други правила за одлучување. Александра М. Митевска