Њама да има нов договор


Поранешниот командант на бугарските воздухопловни сили, кој сега ја извршува функцијата претседател на Бугарија, Румен Георгиев Радев, никако да разбере дека одамна на себе ја нема маскирната воена униформа, туку елегантниот темен дипломатски костум. Наредната недела ќе прослави година и половина откако е татко на нацијата и чудно е како досега не сфати оти времето на кавгаџиски политичари и државници е поминато и оти сега на Балканот дуваат нови ветришта.

Изјавите од типот: „Доволно ли е тоа извинување? Вие слушнавте извинување? Јас не слушнав. Преку Фејсбук не е извинување. Заев посочи дека направил грешка, но не ги исправи зборовите. За мене не е објасниво некој да каже дека бугарската влада не реагира така како што треба да реагира. Според мене, недозволиво и неприфатливо е евроатлантската перспектива на Македонија да биде ставена пред бугарската историја, идентитет и суверенитет. Не може долгорочните интереси на Бугарија да се жртва на политичкиот маркетинг“, се можеби интересни за чаламење, но не им доликуваат на актуелните политички мигови.

Бугарскиот генерал-мајор на армиските резервисти, кој победи на претседателските избори како независен кандидат, поддржан од Социјалистичката партија, веројатно му работи зад грб на премиерот Бојко Борисов, но воедно отворено работи и во поткопување на односите меѓу двете земји кои првпат после децении станаа пријателски. Не дека реакциите и на Борисов и на неговиот тим се ептен братски, ама да се бара нов анекс-договор на договореното и потпишаното од двете влади е навистина претерано.

Историјата е една, само што се извртува со годините, децениите, вековите, но пред сè со менување на чипот што го креираат носителите на политичката власт. Особено во комунистичките земји, каде што митологијата зема(ше) огромен замав во недостиг на економски просперитет. Илинденското востание не се случило во 13 век, туку пред 115 години, до не толку одамна имало и живи сведоци, така што не е убаво кога во бугарската влада ќе речат: „востанието географски ѝ припаѓа на Македонија, но историски е на Бугарија“. Не само што не е убаво, туку и не е точно, ако се прашуваат македонските историчари.

За историјата и онака требаше да расправаат научни тимови од двете земји, само што каква порака се испраќа доколку доаѓа до кавга на секој Илинден, празникот што требаше заедно да го прославуваат двата „братски народи“?

Од друга страна премиерот Зоран Заев работи на своја штета и дозволува да биде мета на социјалните мрежи, на јавноста и на политичките кругови кога понизно се извинува што рекол оти „Илинденското востание било македонско“. Самиот вели дека ја ставил суетата настрана, а не добива сличен однос од истокот. Договорот со Бугарија сè уште не е прифатен од целото општество во земјава, неговите противници сега ликуваат, нивните зборови добиваат гласност, а на поддржувачите им се избиваат асовите од ракав. Договорот не е поддржан ниту од македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, кој, пак, при неодамнешната посета во Софија беше примен единствено од Радев, кога останатиот бугарски државен врв одби да се сретне со него, затоа што стана од состанокот со Заев и со Никола Димитров. За да заживее во стварноста, ќе треба многу волја и разбирање, внимателност во изјавите и во давањето коментари. Тоа што имаме заедничка историја не е доволен факт само по себе, затоа што единствената работа за која што се согласуваме во неа е дека Софија и Скопје се различни градови.

Не помагаат, иако се смешни, заканите на Софија дека ќе ја блокираат евроинтеграцијата на нашата земја. Целиот свет ја бутка Македонија во НАТО, ама, ете, Бугарија немало да даде. Ќе даде. И сигурно нема да има нов анекс-договор. Затоа, потрудете се да функционира овој што беше потпишан со крајни маки.

Горан Адамовски