„Љубчовисти“ го освојуваат дворот на Заев



Александра М. Митевска

Некогашниот министер за транспорт и врски во влада на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Балковски, влезе во тимот на сегашниот министер за здравство во владата на СДСМ, Венко Филипче – за плата можеби повисока и од министерската!

Вака срочената вест за еден архитект во „политичкиот конзилиум“ на еден неврохирург, иако на прв поглед изгледа контрадикторна, всушност, реално ги отсликува кадровските операции што ги презема актуелната владејачка постава во деновите по владината реконструкција, а откако беше поставена „дијагноза“ дека е неопходно да се прошири парламентарното мнозинство. Но, проширувањето, очигледно, излезе и надвор од парламентот, така што и повеќе кадри на сега вонпарламентарни партии се вгнездија во владиното јато.

Не помалку контрадикторни, ама вистинити се и вестите од претходните денови: дека довчерашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски е назначен за национален координатор за култура во Владата, покрај живи, здрави и веројатно кадарни министер, заменик министер и државен секретар во истиот владин ресор. Или дека доскорешниот заменик министер за здравство Гоце Чакаровски станал национален координатор за истата област…

Со именувањата на Алаѓозовски и на Чакаровски се прошири координаторската мрежа во владата, како што и со назначувањето на Балковски се зголеми бројката на нови функционери во тимот на Зоран Заев кои влечат корени од некогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ – од времето на Љубчо Георгевски. Да не го кршеше просекот Глигор Ташковиќ, како вицепремиер во првата влада на Никола Груевски, слободно ќе можеше да се каже дека некогашниот кабинет на Георгиевски ја окупира „Илинденска“. Зашто, покрај Балковски, прибежиште на функции во извршната власт најдоа уште неколку поранешни министри од периодот 1998-2002, како што се некогашните први полицајци Павле Трајанов и Љубе Бошкоски – сега сместени во ресори поразлични од тој што го водеа кога беа на врвот на своите политички кариери.

Кога ќе се земе предвид и влегувањето на Мендух Тачи во владејачката коалиција, се комплетира „споменарот“ на владата што беше формирана пред две децении во Македонија. Во тоа време, сегашниот премиер Заев, наместо со политички и државнички проблеми, веројатно се занимавал со студентски грижи и со младешки предизвици и сигурно не ни помислувал дека еден ден ќе им биде надреден на тогашните ударни тупаници во извршната власт.

Всушност, политичката провениенција на новите координатори или советници во владиниот тим и не е толку проблематична во овој случај, колку што е проблематично тоа што сето ова проширување и надградба на функционерската постава и измислување на разно-разни позиции за згрижување на некогашни и неодамна разрешени функционери се случуваат во време кога актуелната влада кове стратегија за реформа на администрацијата. Со тоа станува нејасно како ќе се реформираат јавниот сектор и државната управа со секојдневно трупање на кадри на функции за кои или не се компетентни или кои не постоеле до неодамна, а за кои месечно од буџетот, сигурно, се одлеваат пари како барем за уште еден владин кабинет.

Така Македонија, со околу два милиона население – според последниот попис од пред близу две децении, а веројатно со една четвртина помалку – со оглед на податоците за масовни иселувања, станува држава која можеби несвесно се стреми да стане рекордер според бројката на функционери по глава на жител. Во ситуација кога секој министер си има свој заменик, а секое министерство државен секретар, како што има и министри без ресор исто колку ресорни, кога речиси секој сектор се покрива со координатори или советници… влезот во Гинисовата книга е мошне извесен. Само што една таква „титула“ нема да ѝ помогне на Владата да го рационализира, систематизира и професионализира јавниот сектор и да го искорени политичкиот клиентелизам што го воспоставија нејзините претходници. Уште повеќе што, да беа квалитетни овие кадри, Македонија немаше да биде таму каде што е денес.

А токму реформата на јавната администрација беше еден од клучните столбови во програмата на македонската левица, пред нејзиното доаѓање на власт. Но, најголемото достигнување засега во тој правец е Стратегијата за реформа на администрацијата, чија реализација е сѐ уште во фаза на ветувања и очекувања. Пишувањето стратегии отсекогаш беше главната активност на СДСМ, а резултати од тоа изостануваа. Во меѓувреме, единствено се „реформира“ во практиката функционерската постава – најчесто според квантитет и заслуги, а поретко според компетентност и реална потреба. Заложбите што беа запишани во „Планот за живот на Македонија“ се чини дека сѐ уште се само на хартија. Затоа и натаму за повеќето „живот“ претставува единствено влез во администрацијата и тоа што е можно повисоко во нејзината хиерархија – додека бројките покажуваат стагнација на економскиот раст во земјава.