Љубомир Михајловски -Џанго: Од прв полицаец до прв адвокат


Половина час по полноќ, изборната комисија ги соопшти гласовите на сите оние кои влегоа во трка за едно од 17- те места во Управниот одбор на Адвокатската комора на Македонија. Од избраните членови, со најмногу гласови е скопскиот адвокат Љубомир Михајловски -Џанго и тој најверојатно е новиот претседател на Адвокатската комора на Македонија. Имено, Михајловски од формалниот избор за претседател го дели уште само една, првата седница на новиот Управен одбор, на кој, само формално за нов претседател ќе биде предложено она лице кое има добиено најмногу гласови!

Според последните информации, Управниот одбор, со акламација го избра Михајловски за нов претседател, а негови заменици се адвокатите Јелена Ристиќ и Бесим Реџепи. Инаку, во Уптравниот одбор се најдоа и Димитар Панчевски, Ване Андреев, Стевче Глигоров, Никола Главинче и други.

Во крајно тензична атмосфера делегатите на Собранието на Адвокатската комора успеаа да ги изгласаат членовите на Жалбениот совет и на Управниот одбор.
Скопската адвокатка Наташа Трпеноска-Тренчевска не ја доби доверба за влез во Управниот одбор на АКРМ со што го изгуби правото да продолжи да се бори за претседател на Комората, односно за наследник на Никола Додевски. Имено, Трпеноска-Тренчевска ја немаше потребната третина од гласовите на присутните делегати и токму нејзинитата „елиминација“ му го отвори патот на Љубомир Михајловски кон местото претседател.
Инаку, на денешната изборна сесија во Струга присуствуваа 219 од вкупно предвидените 270 делегати, а со Собранието на АКРМ претседаваше адвокатката Снежана Калевска.
Меѓу оние кои не присуствуваа на изборното Собрание беа и скопските адвокати Александар Тортевски и Звонко Давидовиќ, иако нивните имиња беа на листата на кандидати за нов претседател на АКРМ. Нивното непојавување во струшкиот хотел „Изгрев“, по автоматизам, го суспендира нивното кандидирање, но зачудува и тоа што, пред започнувањето на исзботното Собрание на АКРМ, немаше новопријавени кандидати за претседател.
Целиот текст на правосудство.мк

 

 

ПОРТРЕТ: ЉУБОМИР МИХАЈЛОВСКИ

Љубомир Михајловски е роден на 10. декември 1954 година, во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет во 1980 година. Од 1981 до 1983 година работел како пазарен и трудов инспектор во општина Центар, а од 1983 до 1999 година бил потсекретар во Министерството за внатрешни работи каде извршувал повеќе функции.

Во МВР работел и како инспектор во Управата за оперативни работи во СВР – Скопје, како самостоен инспектор за спречување криминал, виш инспектор за спречување криминал, виш инспектор за недозволена трговија со дрога, началник на Одделението за општ криминал, началник на Секторот за сузбивање на криминал, заменик на помошникот министер за криминалистичка служба во МВР и началник на Управата за внатрешни работи – Охрид, Кичево, Дебар и Струга. Поради неговата храброст да взезе во костец со криминалот го добива прекарот „Џанго“, пишува правосудство.мк.