Јункер: Во ниеден момент не помислив дека Грција ќе излезе од еврозоната


Грција е мојата втора татковина, воопшто не ни помислив дека земјата ќе излезе од еврозоната, рече претседателот на европската комисија, Жан Клод Јункер, на почетокот на средбата со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос.

– Грција не е за мене една неутрална земја, овде се роди самата идеја за демократијата. Овде се разви европската мисла. Според тоа, Грција повеќе од другите земји ја закова судбината на Европа. Затоа, во ниеден момент не помислив дека Грција ќе излезеше од еврозоната, истакна Јункер.

На почетокот од средбата Павлопулос – Јункер присуствуваше и комесарот за миграциска политика, Димитрис Аврамопулос

– Сакам да ве уверам дека мнозинството од грчкиот народ го поддржува текот на Грција во Европската унија и во јадрото на еврозоната и ги признава вашиот одлучувачки придонес и тоа во еден критичен момент, му рече Павлопулос на Јункер во кусиот дијалог пред медиумите.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, претседателот на европската комисија, по средбата со Павлопулос, ќе се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас, а потоа ќе има обраќање во грчкиот Парламент.

Се очекува економијата и излезот на Грција од програмата за финансиска поддршка, да бидат главните теми на средбите на Јункер, но разговорите со Ципрас, се очекува да ги опфатат сите актуелни прашања што ја засегаат Атина, а меѓу нив и преговорите за името.