Јувентус ги откри деталите за повредата на Роналдо


Не им беше сеедно на Фернандо Сантош и на Масимилијано Алегри кога видоа како Кристијано Роналдо потскокнува на една нога и бара да биде заменет веќе во 30 минута од мечот помеѓу Португалија и Србија. Сепак, еден од најдобрите фудбалери на денешницата и по натпреварот оптимистично изјави: „Го познавам своето тело, за најмногу две недели се враќам“. И најверојатно е во право.

Јувентус на својот официјален сајт објави каква е здравствената состојба на Кристијано Роналдо и првичните резултати велат дека станува збор за само помала повреда на мускулот на десната нога. Роналдо веќе бил прегледан за време на натпреварот во Лисабон, кога било утврдено дека повредата не е така сериозна како што се чинеше во прв момент. Секако, со ваквите повреди никогаш не се знае, затоа Роналдо ќе биде под будното око на клупските лекари, кои ќе го следат понатамошниот развој на неговата повреда и опоравување.

Дури и кога опоравувањето да потрае две недели, Роналдо би можел да се врати на теренот на време со цел да заигра во првиот меч од четвртфиналето од Лигата на шампионите против Ајакс во Амстердам на 10-ти април.

Тоа значи дека во моментов не би требало да постојат дилеми околу неговото враќање на теренот, само во овој момент извесно е дека ќе ги пропушти првенствените мечеви против Емполи, Каљари и Милан.

Роналдо и денеска се наоѓа во Лисабон, а во Торино би требало да се врати во среда, кога ќе започне со терапиите.